Вестите и информациите не познаваат физички граници поради што особено е важна билатералната и регионалната соработка и поттикнувањето дискусија за важни регулаторни прашања.
Ова го истакнал директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, кој во име на регулаторите од Западен Балкан се обрати на состанокот на претставниците на Групата на европски регулатори за аудиовизуелни медиумски услуги (ЕРГА) во Загреб.
Од Агенцијата соопштија дека на состанокот вчера и денеска во Загреб станало збор за справувањето со напливот на лажни вести и за важноста на регионалната и пошироката соработка во поглед на размена на искуства и добри практики.
За прв пат на состанок на ЕРГА присуствувала и Марија Габриел, еврокомесарот за дигитална економија и општество, во чија надлежност се и медиумите, која ја истакнала неопходноста земјите од Западен Балкан во рамки на своите евроинтеграциски аспирации да пристапат кон усогласување на нивната легислатива во аудиовизуелната област со Европската директива за аудиовизуелни медиумски услуги. Таа посочила дека најголема полза ќе имаат гледачите и слушателите, а истовремено тоа ќе придонесе за поттикнување на конкурентноста во медиумската сфера.
Трајчевски разговарал со еврокомесарката Марија Габриел за развојот на аудиовизуелниот сектор во земјите од Западен Балкан. Исто така, овие прашања биле тема на разговор и со претставничката на Советот за електронски медиуми на Република Бугарија, Марија Стојанова, чија земја претседава со Европската унија до јуни годинава.
