Димушевска за нападот на полицајката: Ако е подложна на закани и притисок, нека го пријави случајот

Од:

Доколку полицајката Јасмина Јаначковска била подложна на закани и притисок да каже дека не била физички нападната од фунцкионерот на ДУИ, Бекир Асани, Националната мрежа против наислството на жените ја охрабрува да го пријави случајот а тие ќе ја овозможат потребната заштита за сторителот да биде санкциониран. Елена Димушевска од Националната мрежа вели дека во Македонија, жените, вербалното и психичкото насилство не го сметаат за напад и затоа не го пријавуваат.

„Верувам дека како и секој друг униформиран службеник, прифаќајки да ја работи таа професија е спремна дека секојдневно ќе се соочува со агресивни и насилни лица, а нејзина должност е да се справи на професионален начин. Во нејзината изјава таа посочи дека немало физички напад , туку само вербална расправија и доколку таа смета дека соодветно се справила, ние не сме тие кои што можеме да го кажуваме спротивното“, вели Димушевска.

Во однос на реакциите на јавноста, Димушевска вели дека тие го прикажуваат начинот на кој општеството функционира, односно таа вели дека честопати вината се бара кај жртвите, наместо кај сторителите.

„Она што требаше да биде реакција на јавноста е осуда на сторителот и поддршка за полицајката да го пријави случајот. Наместо тоа, имаше исмејување, понижување односно истите коментари кои ги читавме и додека траеше иницијативата #СегаКажувам, а чиј фокус беше сексуалното вознемирување како форма на родово базирано насилство“, додава Димушевска.

Националната мрежа се надева дека по ратификација на Истамбулската конвенција, државата ќе ја сфати сериозноста на проблемот на насилството врз жените и ќе ги зажтити жртвите, а ќе ги гони сторителите. Димошевска ја поздравува одлуката на Основото јавно обвинителство да отвори случај за настанот и да истражи што се случило.

Кристијан Ландов