Компромис со кој Македонија би влегла во НАТО како ПЈРМ би претставувал инвестиција во подоцнежното решавање на спорот со името. Македонија е без предрасуди кон своите соседи, не сакаме повеќе да провоцираме, туку да праќаме позитивни сигнали, се дел од пораките на македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров во интервју за Ди Пресе.
Можно ли е Македонија да влезе во НАТО со провизорно име, како ПЈРМ (Поранешна Југословенска Република Македонија)?
– Можно е, ако се согласи Грција, иако ПЈРМ звучи како Клингон од Стар Трек. Таков компромис би претставувал инвестиција во подоцнежното решавање на спорот со името. Ќе дадеме сè од себе за да ги убедиме Грците дека е и во нивен интерес.
Вашата Влада си постави за цел Македонија брзо да пристапи кон НАТО и ЕУ. Грција со години се спротиставува, затоа што не прифаќа вашата земја да се нарекува Македонија, исто како и грчката северна провинција. Како ќе ја совладате блокадата?
Мојата прва официјална посета во странство беше во Атина. Пораката гласеше: нашата земја доби втора шанса да изгради европска демократија. Размислете, дали ќе ги поддржите овие напори или не, бидејќи, со блокирање на нашата иднина во ЕУ и НАТО, Македонија нема да стане поконструктивна.
Дали грчкиот министер за надворешни работи Никос Коцијас ја разбра пораката?
– Никогаш нема да се откажам од убедувањето во нашите пријателски намери. Коцијас ќе нѐ посети во август. Македонија е без предрасуди кон своите соседи. Минатиот викенд бев во Бугарија и со колешката преговаравме за договор за добрососедство што треба да се потпише на почетокот на август. Не сакаме повеќе да провоцираме, туку да праќаме позитивни сигнали.
Дали беше грешка да се провоцира Грција, поставувајќи огромен споменик на Александар Велики во срцето на Скопје?
– Нема повеќе да поставуваме споменици, имаме доволно. Не ни требаат споменици за да бидеме горди Македонци. Созреавме.
За евентуалното решение за спорот со името сакате да одржите референдум. Не ризикувате ли со тоа нова поларизација на земјата?
– Сите партии се согласни со овој референдум. Потребен ни е консензус на големите партии во Македонија. До таму не сме дојдени со сегашната опозиција која, додека беше на власт, ја зароби државата. Мора да постигнеме напредок, но без притоа да ја поделиме земјата.
Каква е тука улогата на ЕУ?
– Европа мора да согледа дека влогот е голем. Регионот не е многу безбедно и среќно место. Европа не може да продолжи да се однесува како досега, да зборува за проширување, а истовремено да се плаши тоа да го каже пред сопствените гласачи. Мора да побрзаме да ја завршиме работата на Балканот.
Зошто?
– Концептот по завршувањето на југословенските војни беше, да се утврдат граници и земјите да се приближат кон ЕУ. Но, пристапниот процес многу се забави и сега личи на скали што не водат никаде. Земјите членки на ЕУ ја изгубија довербата дека овој процес навистина го менува Западниот Балкан: гледаат корупција, намалување на демократијата и задушување на слободата на медиумите. Ова го зајакнува скептицизмот. А во исто време геополитиката се враќа на Балканот.
Што мислите со тоа? Враќање на Русија?
– Постојат сили што гледаат можност да го доведат во прашање постјугословенскиот повоен поредок. А ако на Балканот нешто не оди по план, луѓето повторно почнуваат да зборуваат за границите. Проблемот со проблемите е во тоа што тие се шират. Европа мора да почне да ги решава проблемите.
Дали мешањето на Русија во регионот значи нова итност на амбициите на Македонија за членство во НАТО?
– Јас не ги сакам овие „или – или“ ставови. Граѓаните на Македонија мораат самите да решат дали сакаат членство воНАТО. Ние се обидуваме уште од 1993 година, 71 процент од населението е за.
Дали Европа долго време затвораше очи зашто беше зафатена со сопствената криза?
– Европа се соочува со егзистенцијална криза. Но, Европа не смее да потоне во меланхолија. Лорд Робертсон, поранешниотгенерален секретар на НАТО рече: „Ако не можеш истовремено да јаваш два коња, тогаш што бараш во циркус?“ Европа мора да почне повторно да размислува во пошироки рамки. Ако постои регион во кој може да се направи разлика, тогаш тоа е на Балканот.
Дали некои влади во Европа беа премногу благи во односот кон поранешниот премиер Груевски?
– Европа мора да ги кажува работите отворено, ако сака да има влијание во регионот. Во случај на големи повреди на демократијата, Европа мора јавно да викне „фаул!“. Ова го велам и како министер за надворешни работи: Ако згрешиме нешто, кажете ни го тоа јавно.
Австрискиот министер за надворешни работи учествуваше на предизборниот митинг на партијата на Груевски.
– Не е многу паметно, јас како министер за надворешни работи, да дадам сосема отворен одговор. Можам само да кажам дека не постои дихотомија меѓу стабилноста и демократијата. А Македонија е најдобар пример за ова. Ако една држава не е демократија со независни институции, никогаш нема да биде стабилна.
На поранешниот премиер Груевски не му е дозволено да јанапушта Македонија. Што го очекува?
– Во Македонија постои голема жед за правда. Се работи за очигледна неправда: сите сме запознаени со разговорите однелегалното прислушкување. Со неказнување се праќа ужаснапорака. Тоа значи дека човек може за било што да помине без казна, се додека е доволно моќен. Но, тоа не е работа на Владата, за тоа треба да одлучат судиите.
Ако не се залагате за помирување, ќе го продлабочите јазот во Македонија
– Помирувањето мора да се заснова на принципи и одговорност. Во Македонија многу работи се криеја под тепих, така што таму сега се појави мала планина. Потребни ни се силни институции, независно судство и слободни медиуми, за да бидеме стабилна држава. Тоа е големата лекција за Македонија од претходната државна криза.
