Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров по средбата со неговиот грчки колега, Никос Коѕијас изјави дека имале искрени и отворени разговори преку кои се постигнал планираниот напредок.
– Разговаравме за сите прашања и ставови кои ја прават разликата во спорот за името. Од денешната средба има напредок, но се уште постојат разлики и неусогласени ставови, рече Димитров.
Тој истакна дека на денешната средба за прв пат се разговарало за временската рамка и чекорите како ќе се имплементира решението за проблемот со името.
– Ова беше разговор без мудрување и со меѓусебно разбирање. Разговаравме како да ги усогласиме ставовите и да ја најдеме добитната комбинација, рече Димитров.
Шефот на македонската дипломатија информираше дека се одржала и средба на високи дипломати од двете земји кои успеале да го усогласат текстот за нивна соработка во различни области, меѓу кои е и спречување на ирединтизмот од двете страни.
Димитров кажа дека премиерите на Грција и Македонија ќе бидат известени за оваа средба и дека во наредниот период се очекува заедничка средба со Заев и Ципрас.
Поради временско ограничување, по изјавите на министрите не беа дозволени прашања.
Виктор Јованов