Извештајот за АКМИС покажа дека предмети се местеле рачно во кривичниот и во Врховниот суд

Од:

Предмети во кривичниот и во Врховниот суд се прерапсределувале рачно, кај точно определени судии, покажува извештајот за функционирањето на АКМИС-системот што го подготви работна група на Министерството за правда, а кој до денеска беше класифициран документ.

Во извештајот се наведува дека во кривичниот суд грубо била повредена процедурата за донесување на годишниот распоред. „Од 25 декември 2015 до денот на надзорот, годишниот распоред на судот за 2016 и 2017 година е менуван често и не е запазена процедурата за неговото донесување“, стои во извшетајот.

Имено, продолжува извештајот, евидентно е распоредување на конкретни предмети кои од еден судија се даваат во работа на друг судија. „Поради честите промени на годишниот распоред за работа и формирање на повеќе посебни кривични совети бил лимитиран изборот на судија кој ќе биде вккучен во автоматската распределба на предмети“, стои во извшетајот кој од денеска е достапен за јавноста.

Работната група утврдила дека предметите се распределувале рачно. „Од почетокот на функционирањето на АКМИС до моментот на надзор рачно се распоредуваат предмети во 14 уписници“, стои во извшетајот. Исто така се вршело исклучување на судии од автоматската распределба на предмети.

Во Врховниот суд од увидот на 17 ноември 2017 година е утврдено дека во судот не било формирано работно тело за управување со движење на предметите во судот. „Во судот повеќе пати е донесен нов годишен распоред за работа. Се забележува дека во судот воопшто не се почитува начелото на специјализација на судиите кои постапуваат по области. Чести се прераспределувањата на судии без адекватно образложеие, при што судии кои постапувале во предмети од граѓанска материја се распоредуваат во кривична материја. Во 2017 година распоредот бил сменет 9 пати“, пишува во извештајот.

Работната група утврдила дека и во Врховниот суд се вршела рачна прераспределба на предмети.

Во Апелациониот суд е утврдено дека Законот за управување со движењето на предметите во судот и Судскиот деловник се применуваат, а АКМИС е имплементиран и редовно се користи освен во делот за судска управа.