Дескоска-Голдстајн: Законските решенија ќе бидат изготвувани од експерти

Од:

Министерката за правда денеска оствари средба со Џеф Голдстајн, вршител на должност Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на која се разговараше за Планот 18 – реформските приоритети во областа на правосудството во Република Македонија, кон кој ќе биде насочена работата на министерството во наредниот период.

За време на средбата, Дескоска потенцираше дека посакува законски измени со висок квалитет, за кои очекува поддршка и консензус од сите политички партии застапени во Собранието на Република Македонија.

Министерката за правда додаде дека законските решенија ќе бидат изготвувани од експерти, и истакна дека сите решенија ќе бидат предмет на широка јавна дебата со цел да се изнајде долготрајно решение кое ќе ја гарантира независноста и непристрасноста на судството.

В.д. шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, г. Џеф Голдстајн и честиташе на министерката Дескоска за именувањето на функцијата и истакна дека организацијата која ја претставува ќе даде поддршка на реформските процеси на Република Македонија.

Покрај реформските приоритети во правосудството, на средбата се разговараше и за кодификација на кривичниот законик, Законот за управните постапки, како и за Законот за бесплатната правна помош.

Во моментот, Министерството за правда соработува со Мисијата на ОБСЕ во Скопје на измените во кривичниот законик во делот на одредбите кои се однесуваат на криминалот од омраза.