Основното јавно обвинителство ќе истражува дали има кривична одговорност за случајот со дивата депонија во Бутел. Од обвинителството известија дека кривичната пријава што ја поднесе инспекторатот на Град Скопје против три лица кои неовластено фрлале ѓубре и создале депонија е распоредена кај надлежен јавен обвинител кој треба да ги истражи наводите.
„Кривичната кријава е примена во Основното јавно обвинителство Скопје. Пријавата веднаш е распоредена кај надлежен јавен обвинител и по неа ќе се постапува во насока на утврдување на фактите и проверка на наводите“, информираат од ОЈО, за „А1он“.
Кривичната пријава инспекторатот ја поднесе, по објавата на „А1он“ дека во Бутел има дива депонија од огромни размери на која организирано со камиони се исфрла градежен шут и отпад. Инспекторите од градот излегоа на терен и ги предупредија сторителите дека треба да престанат со депонирање смет и им дадоа рок од неколку дена да го исчистат градежниот отпад. Но и покрај предупредувањето, камиони и понатаму исфрлаа ѓубре, по што следеше кривичната пријава.
Од инспекторатот за „А1он“ тогаш информираа дека лицата кои стојат зад неовластено исфрлање земја и шут ќе ги гонат кривично и дека за вакво дело може да добијат и затворски казни до 5 години.
Воедно инспекторатот побара да се одредеди времена мерка за запирање на неовластеното депонирање ѓубре, да се заплени механизацијата што ќе се затече на терен и да се изречат парични глоби.