ВИДЕО: Протест за поддршка на Груевски – демонстрантите побараа Иванов „да го сопре прогонот против Груевски“

Од:

Пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои Трајко Вељаноски, Зоран Илиовски, Крсто Јовановски, Јохан Тарчуловски и Невенка Стаменковска, заедно со ексфункционерот Оливер Андонов заедно со насобраните граѓани пред кривичниот суд побараа од претседателот Ѓорге Иванов да го прекине, како што велат, прогонот врз експремиерот Никола Груевски.

„Самоиницијативно како членови на ВМРО-ДПМНЕ, почитувачи на ликот на Никола Груевски пред зградата на судот дојдовме да упатиме неколку пораки. Ова е политички прогон. Смешно е што главниот доказ е сеуште во Владата и секојдневно се користи. СЈО има една цел, а тоа е уништување на политичката елита на ВМРО-ДПМНЕ. СЈО е неуставно, а сите докази се прибавени на незаконски начин и не можат да служат во судска постапка. Ги охрабруваме судиите да работат согласно на законите. Го повикуваме претседателот Иванов, единствениот политичар кој има кредибилитет, да донесе одлука да се прекине овој прогон. Упатуваме јасна и недвосмислена поддршка за Иванов. Упатувам и поддршка за Никола Груевски, бидејќи сме благодарни за неговите залагања. Тој се бореше за правда, ние ја поддржуваме борбата, вели Александар Трајковски, член на ВМРО-ДПМНЕ кој ги презентираше барањата на демонстрантите.

„Покрај сите криминали во државата се суди лице за набавка на мерцедес кој сеуште се вози“, „Ако мерцедесот е купен од владата и тој е продаден од Груевски а парите си ги ставил во џеб да разбереме дека треба да го судат“, коментираат демонстрантите.

Демонстрантите бараат и, како што велат, правда за обвинетите за 27 април. Тие извикуваат: „Никола, Никола“, „Бараме правда“, „Лопови“, „Слобода за браќата“, „Уа, корумпирани политичари, уа, Кацарска“.

„Ми кажаа дека ќе ме помилуваат. Реков – не треба, ќе лежам во затвор. Не треба некој да се помилува. Тие ни ја украдоа државата. Сите ќе лежиме иако сме неправедно осудени“, рече Петре Жежовски, кој е осуден на 2 години и 10 месеци за настаните од 27 април.

По протестот, учесниците најавија дека ќе одат кај Иванов да го достават барањето за прекин на прогонот.

„Правдата за Груевски е правда за нас. Денес е тој, утре некој друг“, рече Трајковски.

Груевски е осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ на СЈО за незаконска набавка на „мерцедес“ од 600 000 евра.