Законот за заштита на укажувачи е има добри решенија и преземени искуства и практики од најдобрите европски закони, но тој се уште не се спроведува. Не спроведувањето може да биде резултат или на незнаење, на недоволни ресурси, или пак отсуство на политичка волја кај институциите. Спроведувањето на законот е неопходно за што поефиксно справување со корупцијата и криминалот.
Ова се ставовите на дел од учесниците на тркалезната маса на тема „Спроведувањето на Законот за заштита на укажувачи – искуства и предизвици“.
Холандскиот амбасадор Валтер Пломп смета дека е неопходно спроведување на овој закон, бидејќи како што рече, борбата против корупцијата е најважното нешто што, не само Македонија, туку и сите земји од Западен Балкан треба да го направат на патот кон ЕУ.
– Токму тука организациите од граѓанскиот сектор, независните медиуми и поединците играат витална улога, рече амбасадорот Пломп.
Дејан Андовов, помошник на министерот, од Секторот за внатрешна контрола од МВР, информира дека во Министерството е изготвен Нацрт упатство за начинот на поставување при внатрешно и надворешно пријавување, кој, како што рече, ги разработува начините процедурите и постапките во рамки на Институцијата.
Ова, смета тој, е нов инструмент во справување со криминалот особено со коруптивно делување во институциите.
Државниот советник во канцеларијата на Народниот правобранител Зоран Билбилоски истакна дека законот треба да се спроведува за граѓаните да бидат сигурни оти ќе бидат заштитени. Побара и да се размисли дали е потребно секоја институција да воведе ваков механизам и да назначи лица одговорни за тоа, или пак тоа да се прави во еден или неколку центри.
Слаѓана Тасева од Траспаренси Интернешнл – Македонија рече дека дека една година по усвојувањето на законот донесени се само правилници од страна на Министерството за правда со кое се даваат само насоки.
– Јавните институции мора да овозможат механизами за внатрешно пријавување, при што оној кој укажува ќе биде заштитен и нема да се плаши од последици, рече Тасева.
