Петнаесетте дебарски општински советници добија уште еден од заостанатите месечни надоместоци, а според најавите утре треба да им биде исплатен уште еден месечен надоместок.
– Советниците немаа добиено седум надоместоци. Два им беа исплатени на крајот од јуни, еден деновиве, а утре треба да добијат уште еден надоместок.Тоа значи дека останува да им бидат исплатени уште три, кои според ветувањата треба да се случи набрзо. Остануваат неисплатени уште три надоместоци за членовите од претходниот состав на Советот, изјави за МИА Башким Машкули претседател на Советот на општина Дебар, кој оваа функција ја вршеше и во претходниот совет.
Според важечката одлука членовите на Советот на општината добиваат месечен надоместок во износ од 50 отсто од просечната месечна плата, додека првиот меѓу нив уште 30 отсто на тој износ.
Советниците, на последната седница одржана на 30 април ја предупредија локалната самоуправа дека доколку до следната седница не се исплатат сите средства на име советнички надоместок, ќе доаѓаат на закажана седница, но нема да ја одржуваат.
Во мај Советот немаше закажано седница.
Советот за утре има закажано седница, но дали истата ќе биде одржана останува да се види.
