Давидовиќ: За „неважни“ дела – драконски казни, Грујевски уништи докази и доби една и пол година затвор

Од:

Пресудата од една година и шест месеци притвор за Горан Грујевски можеби е во полза на СЈО, но не е во полза на државата и правниот систем бидејќи ако ги земете сите отежнувачки околности на страна на еден од обвинетите кој е во бегство, а давате казна која е до минимумот, тогаш очигледно нешто не е во ред. Вака адвокатот Ѕвонко Давидовиќ ја коментира пресудата на судот против поранешниот началник на УБК, Горан Грујевски, кој е во екстрадициски притвор во Солун.

„Ваквата одлука на судот ќе донесе последици и врз другите кривични предмети што се водат, како и проблеми со докажување токму поради овој предмет. Тоа што требаше да се направи е објективно да се проценат доказите и да се изрече казна што нема да влијае специјално кон него како сторител, туку и генерално кон сите други“, вели адвокатот Давидовиќ додавајќи дека секогаш кога се изрекува пресуда, треба да се внимава како јавноста ќе ја сфати бидејќи треба да се покаже дека вакво дело треба да биде драконски казнето.

Според Давидовиќ, посебна улога за ниската казна има судијката, која, како што вели, е од сваровски-судството, а за најавените реформи вели дека не се почнати. Ситуацијата, според него, е смешна, а делото е пресериозно.

„Ако споредите со други предмети, па за кражба на ќебапи имаме донесено затворска казна од три години, ова е навистина смешно и чудно. За многу „неважни“ дела беа казнети луѓе исто така со драконски казни. Овде не е важна само тежината на кривичното дело, туку и опасноста што ја има зад себе. Овие прислушувани разговори беа избришани од уредите за прислушување, а со тоа и доказите. Тоа е нешто што ја потресе целата држава и нејзиниот правен систем. Од странците имаме упатство што точно да се преземе и како УБК да се ограничи во својата моќ“, додава Ѕвонко Давидовиќ.

Во Македонија не постои објективен човек што верува во судството, вели адвокатот, кој вели дека не може да разбере како и покрај тоа што проблемите се лоцирани, тие не се решаваат.

Кристијан Ландов