Република Србија сака да воспостави и понатаму да одржи пријателски односи со Република Македонија и не сака да биде вовлечена во некакви игри – изјави српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Никола Димитров во Ниш, каде што претходно остварија средба.
– Сакам да му пренесам на македонскиот народ дека од север, од Република Србија, не му се заканува никаква опасност. Република Србија нема намера да оспорува ништо што е поврзано со Република Македонија, ниту држава, ниту нација, ниту друго – рече Дачиќ.
Тој додаде дека комуникацијата меѓу двете држави ќе продолжи и натаму и истакна дека премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, е поканет да го посети Белград.
– Нашите главни цели всушност ќе се фокусираат на засилување на пријателските односи, меѓусебната поддршка во ЕУ-интеграциите, развојот на добрососедските односи и развојот на стабилноста во регионот – рече Дачиќ.
Српскиот министер рече дека очекува и безбедносните структури да воспостават исто така добрососедски, пријателски и односи на соработка со што ќе се штитат правата и интереси на дипломатите и во двете земји.