Да го дефинираме поимот „Груевизам“

Од:

И покрај и денеска постоечките дебати за улогата на поединецот во/за историските настани, модерната историографија је отфрлила идејата дека тркалото на историјата го движи некоја необјаснива сила или судбина. Човекот е двигател на историјата (без оглед на влијанието и на други фактори).

Оттука, во светски рамки, и преку (американска) програма на интернет, направена е и листа на најпрепознатливи личности. Само за информација, на таа листа на прво место се нашол Исус, а потоа Наполеон и Мухамед. Тесла е на 93. место, додека Хитлер е на 7. место, Аристотел на 8., Алексдандар Македонски на 9. итн. Во листата се и Елвис Присли (69.), Мадона (121.) и Боб Дилен (130.). Сталин (18.) е пред Ајнштајн (19.). Интересно е што по некои од тие личности во употреба често се користат изразите кои ја опишуваат ерата, политичките состојби или научното достигање: на пример „сталинизам“, „дарвинизам“, „марксизам“, додека за други тоа не е случај, како на пример за Наполеон, Хитлер, Аристотел и др.

Не сум имал прилика да слушнам израз „хитлеризам“, туку тој период и настаните најчесто се нарекуваат „фашизам“ или „нацизам“.

Последниве неколку години во РМ, а особено после првиот круг на локалните избори 2017, многу често на ТВ дебати и во колумни (од истакнати колумнисти и анлитичари), како и во разговори, го слушам изразот „груевизам“. Неодамна дури и во една лична и емотивна колумна господиниот Гордан Георгиев (м.з. кон кого имам исклучително високо почитување, но и одредени забелешки во однос на некои искажани ставови во колумната, како на пример дека „по своја волја заминав од активна политика“ и некои други – што е тема за себе и за кои, доколку се укаже прилика, би сакал лично околу тие изјави да дебатираме), не одолеа сепак и тој да го употреби (еднаш) појмот „груевизам“.

Имам многу дилеми дали е оправдано еден период од 11,5 години (од 26 години на независноста и сувереноста на РМ) да го нарекуваме по името на, де факто, првиот човек во РМ во тој период? Дали тој самиот успевал во една (каква – таква) демократија целосно да ги наметнува и спроведува своите ставови (за идеологија е тешко да се зборува), иако сите ги слушнавме нелегално прислушкуваните разговори (НПР) – без оглед што некои и денеска тврдат дека не ги слушале? Како успевал своите ставови и активности да ги наметне на првиот, вториот, третиот…па се до најдолниот ешалон и тие безпоговорно да ги спроведуваат? Успевал не само кај „своите“ туку и кај еден куп коалициони партии и нивното членство. Дали „неговите“ и „коалиционите“ тоа го прифаќале затоа што немале друг избор, или, пак, затоа што и самите се согласувале со него или дури и го надоградувале тоа – индивидуално, групно и колективно?

Да не заборавиме дека не се работи за околности и систем од времето на Сталин или некој друг (деклариран) диктатор. РМ е и беше под лупата на ЕУ и НАТО. Да не заборавиме дека Груевски и владата имаше (дискретна?) долго време поддршка и од главните светски центри. Да не заборавиме дека (и покрај веројатните манипулации и нерегуларности – ова од НПР) на повеќе изборни циклуси, Груевски и неговата партија победуваа. Да не заборавиме дека не мал број – на повеќе или помалку истакнати политичари – од СДСМ и другите опозициони партии со голема леснотија и доброволно се приклучија на т.н. „груевизам“.

За да не бидам погрешно разбран, погоре искажаното не е во одбрана на Груевски, туку само укажување дека тој самиот не можел да создаде систем кој денеска го нарекуваме „груевизам“, бидејки на тој начин, мислам, му придаваме поголема важност и значење отколку што оправдано заслужува. Претполагам дека политички е опортуно, во овој момент, сите неприлики и погрешни политики да ги сврзуваме за лидерот на партијата која владееше 11,5 години. Особено сега, после драматичниот пораз на локалните избори. Но, дали смената (која би настапила во самата партија и од страна на нивните членови) во многу би ја сменило политиката на партијата и вкупните односи во државата? Дали имаме јасна и прецизна дефиниција на „груевизмот“ за да можеме да ги следиме промените (веројатни) во сегашната опозициона партија, но и промените (а не замените) во целото општество, вклучително и кај новата власт? „Феноменот“ денеска наречен „груевизам“ е комплексен и повеќеслоен. Оттука, по мене, истиот бара јасна дефиниција, како и сите фактори кои биле и се сврзани со тој поим / процес.

Несомнено во изминатите 3-4 години човекот што ја изведе еволуцијата (не револуцијата!) во РМ беше и е господинот Зоран Заев. Со тоа не ги потценувам неговите соработници кои исто така дадоа голем придонес и поддршка. Некои беа погласни, некои потивки. Некои поактивни, некои повнимателни. Посебно би ги истакнал мудрите личности кои настоичиво преку ТВ дебати и колумни ги појаснуваа реалностите во РМ и укажуваа како и каде треба да одиме .И тоа без партиска „заштита“ или инфраструктура.

За жал, денеска повеќето од нив останаа во сенка. Меѓутоа, знамето на еволуцијата, и тоа во првиот ред, го носеше Зоран Заев. Би кажал дека тоа го правеше и со доза на камиказство (со позитивна конотација). Секоја чест за храброста, истрајноста и вербата во обврската што си ја зададе. Сега, оправдано, г-динот Заев е премиер и најодговорниот човек во државата. Верувам дека со досега покажаното трпение и мудрост ќе ја води државата во правилна насока и развој, кон нормална и европска Р. Македонија. Не верувам дека постои можност еден ден некој да пишува за „заевизам“ (во негативна конотација). Сепак, земам слобода на г-динот Заев да му сугерирам да посвети внимание и на пониските ешалони на власта. Бидејки, „…-измот“ не мора секогаш да биде инициран од најгорниот ешалон, од првиот човек. Многу често може да се одвива и во подолните ешалони, а тоа граѓаните и засегнатите го чувствуваат како „владеачки….изам“.

На „пониските ешалони“, пак, би им советувал да не ги заборават многу често дадените изјави на г-динот Заев за „транспарентност“ и „инклузивност“.

Александар Тавчиовски