Претседетелот на СДСМ Бранко Црвенковски во својот говор на вечерашниот митинг на коалицијата „Сојуз за иднината“ во Тетово се заблагодари за поддршката и довербата во изминатите два и пол месеца во, како што рече, битката за демократија, Уставот, законите, честа и достоинството на македонскиот народ.
Благодарејќи на вашата решителност, упорност, верба и доверба, предвремени парламентарни избори во Македонија ќе има. Нека го искривуваат договореното Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, нека лажно го читаат, нека лажно го преведуваат. Дали тие ветиле дека до јуни ќе го решат спорот за името со Грција, за нив бегање нема и од соочувањето со народот, рече Црвенковски во Центарот за култура „Иљо Антевски-Смок“.
На митингот се обрати и кандидатот за градоначалник од СДСМ за Тетово Ивица Зориќ.
Во 21 век, кога светот зборува за цивилизациски проблеми, ние се судираме со елементарни проблеми поради работата на централната власт. Заедно со моите соработници, луѓе едуцирани во земјата и во странство, подготвивме програма која деновиве ќе ја претставиме пред тетовци. Ние работевме со ум, знаење и сила и ќе се избориме за нашите права. Ние ја носиме нашата програма, но не ја кажуваме предвреме затоа што нашите противници се научија да крадат и да позајмуваат од нас, рече Зориќ.
Тој вети повеќе зафати – изградба на водовод и реконструкција на водоводната мрежа, фекална и атмосферска канализација, патишта и улици, но и инвестиции во спортот и особено културата која, рече тој, беше препознатлив белег на Тетово во минатото.
Пред присутните на митингот во Тетово зборуваа и пратеникот Стојко Пауновски, претседателот на Партијата за целосна еманципација на Ромите, Самка Ибраимовски, и на НСДП, Тито Петковски.