Црвенковски: Ја донесовме најтешката одлука во историјата на партијата

Од:

Лидерот на СДСМ смета дека сe уште има можност за решение до денот на изборите, 24 март, во интервју за Дојче Веле.

Господине Црвенковски чувствувате ли одговорност кон граѓаните, на кои со бојкотот на локалните избори им го одземавте или стеснивте правото на избор, а на владеачката коалиција и оставивте широко отворени врати за целосно освојувањена локалната власт во земјава?

Црвенковски: Одлуката за бојкот на локалните избори беше една од најтешките во историјата на партијата. Свесни сме за последиците што таа ги носи и за партијата и за државата. Но, уште повеќе сме свесни за одговорноста што би ја презеле ако со своите постапки станеме соучесници на власта во нејзините намери за инсталирање на партиско-полициски режим, рушење на правната држава и газење на демократијата. По настаните од 24 декември секакво релативизирање и глумење нормалност, секаков обид работите да се заборават, не би било ништо друго туку давање „зелено светло“ на Груевски и „фамилијата“ да продолжат со своите погубни политики. Не е точно дека со бојкотот граѓаните ќе немаат избор. Тие го имаат и се наоѓаат пред клучниот избор. Дали молчешкум и со наведната глава ќе се согласат да живеат во страв и без било каква перспектива или ќе се решат да пружат отпор, да си ја вратат државата назад. Да ја одбранат слободата, демократијата, правдата, иднината, своја и на своите деца. А тоа е најважниот избор.

Според правни екперти, погрешно одигравте „или-или“, а можевте да добиете „и-и“. Тие сметаат дека непотребно се откажавте од локалните избори, бидејќи со натамошниот опозициски бојкот на парламентот се доведува во прашање неговиот легитимитет, па неминовно ќе мораше да се отвори и прашањето за предвременипарламентарни избори, што вие го деклариравте како ваша цел. Зошто се откажавте од таа варијанта?

Црвенковски: Ако правните аргументи се уважуваа ние како држава воопшто немаше да бидеме доведени во ваква состојба. Не заборавајте го фактот дека си имаме работа со власт која пред очите на целата домашна и меѓународна јавност тепаше пратеници и новинари среде парламентот и грубо кршејќи го и уставот и деловникот насилнички и противзаконито го донесе буџетот. Тоа само по себе во една нормална демократска држава би резултирало со оставка на владата. Тоа, не само што тоа не се случи, туку власта дополнително продолжи со своите недемократски постапки, како на пример, менување на деловникот во отсуство на опозицијата. Учеството на локалните избори без договор за одржување предвремени парламентарни избори, би создавало привид на нормалност и легитимитет на актуелната власт. А ако и сакаме добро на оваа наша држава, оваа власт не треба да се легитимира туку час поскоро да се порази.