Четири компании се избрани за финансирање иновативни проекти со грантови до 30.000 евра на третиот повик на Фондот за иновации и технолошки развој.
Грантови за комерцијализација на иновации добиваат компанијата „Вижндинамикс“ за систем за креирање 3Д мапи од дрон, „Ресин“ лабораторијата за индустриски наоди и технологија, која создала магнетна ЦНЦ плазма дупчалка на челични отвори, „ДТК Смарт ТЕК“ за интегриран интернет базиран информациски систем за менаџирање со енергија и „Веблајдерс“ за креирана платформа за секундарди туристички услуги.
Добитниците на грантовите на денешното објавување на резултатите од повикот истакнаа дека очекуваат да ги комерцијализираат иновациите и што поскоро и да ги пласираат и на домашаниот и на меѓународниот пазар.
Иновацијата на „Вижндинамикс“ ќе може да се користи во катастарот и градежништвото и ќе треба да ги намали времето и трошоците за креирање мапи. – Иновацијата со нивниот систем е што 3Д мапите би биле многу прецизни и точни во рангот на ласерски скенери, но многу пооевтино за експолатација. Системот работи во реално време и користи метод на симултано локализирање и мапирање, што значи дека мапата може да се корегира за време на креирањето и за време на летот во реално време, рече Душко Муртовски од „Вижндинамикс“.
Со новиот технолошки концепт за изработка на отвори, иновација на „Ресин“, според менаџерот Сашко Павлов, би се забрзало за 30 пати дупчењето челични отвори, а би го користеле сите фирми кои работат со челични конструкции.