(ВИДЕО) Чаусидис: Новинарството ставено на листата на отстрел

Од:

Новинарството е буквално ставено на листата на отстрел и веќе говориме за мали островца на новинарската професија кои опстојуваат, додека сето друго е окупирано со пропаганда и со инструментализација во партиски цели, вели претседателката на новинарскиот синдикат Тамара Чаусидис во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Фридом хаус се отворени во оценката дека Македонија има најлош резултат на Балканот во слободата на изразувањето. Дали ова е опасно време за новинарството, кога во прашање се доведува опстојувањето на професионалното новинарство на сметка на политички цели?

Јас се сеќавам дека во 2010, на пример, бевме страшно вознемирени од тие рангирања на Македонија во однос на слободата на информирање, па со тоа се отвораа вести. Не знам дали сте забележале, меѓутоа веста за паѓањето, тонењето на Македонија на ранг листата на слободата на изразување и на Фридом хаус и претходно на Репортери без граници речиси поминува без какви и да е големи реакции. Зошто е тоа така? Затоа што власта сака да го релативизира проблемот и да го прогласи за непостоечки. А, ние веќе сме толку уморни од артикулирање на проблемот, што тие рангирања ни се само уште еден доказ дека она што го говориме е вистина. Новинарството одамна е опасна професија, новинарството по своја дефиниција е опасна професија, бидејќи во своја суштина има задача да ги открива злоупотребите од позиција на моќ, дали тоа е власт, економски или бизнис центар, партиски- бизнис центар, сеедно. Меѓутоа сега ова што се случува кај нас, мислам новинарството сфатено токму во оваа смисла за која говорам е буквално ставено на листата на отстрел и веќе говориме за мали островца на новинарската професија, кои опстојуваат, додека сето друго е окупирано со пропаганда и со инструментализација во партиски цели.

Зошто Македонија не ги следи забелешките за слободата на изразувањето што постојано ни се повторуваат, туку тие кулминираа и како да се излезе од оваа состојба?

Која и да е владејачка елита, таа ги игнорира или се обидува да ги минимизира наодите за слободата на изразувањето, меѓутоа ова сега, веќе говориме за мошне сериозен концепт за релативизирање на наодите за тонењето на Македонија во однос на слободата на изразување воопшто, тоа е исто проблем. Не е само загрозено новинарството, загрозено е правото на слободно изразување и безбедноста после тоа слободно изразување. Така што очигледно не постои волја, некој се досетил дека доколку ги истребат буквално новинарите од медиумите и од редакциите и се заменат со човечиња, полтрони, пропагандисти итн., тие ќе бидат прашувани за слободата, тие ќе пренесуваат лажна слика и проблемот ќе биде решен. Ама се покажа дека новинарството е малку пожилава професија, отколку што тоа некој го замислува.