Помошта од Бугарија за справување со пожарите во Македонија, која тамошниот претседател Румен Радев ја најави пред два дена, се испраќа денеска. Агенцијата „БГНЕС“ јави дека бугарскиот премиер Стефан Јанев дал наредба кон Македонија да се упатат 25 пожарникари, три противпожарни возила, две амбулантни возила.
Помошта од Бугарија беше побарана пред два дена, кога во Кочани изби голем пожар кој се прошири до градот, а во Старо Нагоричане неконтролирано гореше скоро два дена. Сега, пожарите таму се изгаснати, но гори во Делчево каде ќе се упати помошта.
Кога пожарникарите и возилата ќе пристигнат кај нас, нема информации од страна на Владата. „А1он“ праша и зошто помошта уште не е пристигната, но до овој момент оттаму нема одговор. Вчера, телефонски разговор имале Јанев и премиерот Зоран Заев, кои разговарале за помошта во справување со пожарите.
Претседателот Стево Пендаровски е првиот кој оствари контакт со бугарските колеги. Со нив договори Бугарија да испрати противпожарни единици за гаснење на пожарите. Оттаму нема да испратат летала, бидејќи и кај нив има многу пожари.