Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска со валоризациска конференција одбележа успешно спроведување на програмата „Еразмус плус“ во 2016 година.
На повикот кој беше објавен за предлог-проекти за „Еразмус плус“ во 2016 година, во Агенцијата пристигнале 328 апликации за проекти, од кои одобрени биле 89 проекти. Тие ќе бидат имплементирани во текот на оваа и во наредните две години, во зависност од периодот на времетраење за секој проект одделно.
Буџетот за 2016 година, заедно со дополнителните средства кои ги одобри Европската комисија за партнерски проекти, односно стратешки партнерства во училишното образование, е реализиран 96 проценти, односно со корисниците се потпишани договори за грант во износ од 4.861.562 евра.
– Успехот се должи на напорната работа и посветеноста на тимот во промовирање на Програмата и можностите кои ги нуди како нова димензија во областите на образованието, обуката, младинската работа и спортот, а истовремено и на успешното имплементирање на доделените проекти од страна на корисниците и позитивните резултати од нивната имплементација. Перспективите на Агенцијата се целосно посветени кон унапредување на македонскиот образовен систем, промовирање на активно граѓанство кај младите луѓе и создавање подобри можности за сите. Инклузивноста, социјалната кохезија и активното граѓанство се дополнителни придобивки од овој концепт, рече Дарко Димитров, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Во присуство на голем број професори, ученици и студенти на конференцијата, Димитров истакна дека програмата „Еразмус плус“, која почна да се спроведува во јануари 2014 година, е од исклучително значење за сите корисници во Македонија, пред се за промовирањето на интернационализацијата на образовните институции и невладиниот сектор.
Повикот за предлог-проекти за 2017 година е веќе објавен и заинтересираните ги подготуваат своите апликации за претстојните крајни рокови.
Според Муарио Ди Вероли, претставник на Европската делегација во Република Македонија, програмата „Еразмус плус“ е многу успешна во однос на промовирање на соработката меѓу Европската унија и земјите – партнери во спроведувањето добри практики.
– Наредната година „Еразмус плус“ ќе слави 30 години и станува збор за успешна приказна со која Европската унија се обидува да ги подобри вештините на младите за вработување. Се уште не се знае буџетот за 2017 година, но најверојатно ќе биде поголем од пет милиони евра, рече Ди Вероли.