Граѓаните на Македонија да не шират непотврдени информации во врска со пожарите кои се активни во моментов, апелираше владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
„Последните информации говорат дека пред еден час односно до 20 часот вечерва пожарот е се уште активен во Лутовец и во правец месноста наречена Брдо и Сува Гора. Има тенденција за ширење кон атарот на село Здуње и село Требовље во близина на првите куќи“, истакна Бошњаковски.
Тој информираше дека двата хеликоптери на АРМ биле на располагање цело време и дека тие се уште се ангажирани по барање на Дирекцијата за заштита и спасување каде што учествуваат во гаснење на пожарите во Требовље, а од денеска и во Брезница.
„Во текот на денешнот ден активирани се дополнително два пешадиска вода од четвртиот баталјон на АРМ од Кичево кои се веќе на терен. Таму се наоѓа и командантот на Здружената оперативна команда ЗОК, генералот Зоран Милевски. Вкупно има 60 офицери и војници на АРМ кои на терен се справуваат со гаснење на овие пожари“, рече Бошњаковски.
Според него, ниту еден од ангажираните луѓе нема да биде повлечен се до целосно гаснење на пожарите. Портпаролот на Владата информираше дека во моментов тече 18 владината седница и дека првата точка на дневен ред е да се свика Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи кои ќе ги разгледаат овие информации околу пожарите посебно за ситуацијата околу Македонски Брод.
Управувачкиот одбор, во кој членуваат владините министри за одбрана, внатрешни работи, транспорт и врски и здравство како и директорот на ДЗС, вечерва одржуваат кординација на ова тело кои според Бошњаковски, уште ноќва ќе преземат активности за ситуацијата за да се стави целосно под контрола.