Собранието го избра Борче Серафимовски за нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, како кадар на Движењето ЗНАМ, во рамки на реконструкцијата на Владата.
Серафимовски досега ја извршуваше функцијата државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Серафимовски е дипломиран дефендолог на Институтот за одбранбени и мировни студии при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје и бизнис менаџер на Варненски Слободен Универзитет „Црноризец Храбар” Варна, Бугарија. Магистер е по меѓународни односи на Југозападен Универзитет „Неофит Рилски” Благоевград, Бугарија, а докторант по организациски науки на Великотрновски Универзитет „Св.Св.Кирил и Методиј” Велико Трново, Бугарија.
Во својата професионална кариера, покрај функцијата државен секретар, Серафимовски бил и генерален директор/заменик претседател на Управен одбор на Меѓународниот Славјански Универзитет Свети Николе.
Во неговата биографија, Серафимовски наведува дека зборува англиски, руски и бугарски јазик.
