Обвинетиот за сообраќајката што се случи кај ТЦ Зебра, во којашто животот го загуби новинарката Сузана Тодоровска-Павловска ја призна вината и изрази длабоко каење за она што со сторил.
„Притворот лошо влијае на мене. Изразувам длабоко сочувство и каење за тоа што се случи тој кобен ден. Чувствувам голема душевна болка. Помислата дека одзедов човечки живот ме доведе до психичко растројство. Ми ги уништи сите планови, за да основам семејство со мојата девојка. Наркотиците одзедоа голем дел од мојата младост. Неколку месеци бев чист, но повторно им се вратив“, рече пред судот37-годишниот Бојан Блажевски, кој со својот автомобил удри во новинарката.
Тој рече дека по несреќата и пружил прва помош на новинарката, но не успеал да ја реанимира.
Според обвинителството, обвинетиот ја сторил несреќата со умисла поради дејството на алкохол и дрога и големата брзина од 83 км на час со која се движел во центарот на градот.
На крајот на своето излагање обвинетиот рече дека тој ден немал никаква умисла да одземе човечки живот.
Со оглед дека обвинетиот ја призна вината судот треба да ја одреди висината на казната, но поради некомплетна медицинска документација, која што е дел од доказите на одбраната, судењето ќе продолжи за половина час.
Во судницата беа присутни роднини на починатата и на обвинетиот. Сопругот на Павловска пријави имотно-правна штета.