Во пресрет на Канскиот филмски фестивал, најновиот број на престижниот филмски магазин „Europa cinemas network review“ нуди куси стории за оригинален креативен пристап и комуникација со кино-публиката, а меѓу ретките е и репортажата за Битолското 3Д Кино.
Основната мисија на киното на НУ Центар за култура-Битола е создавање публика за уметнички филмови, почнувајќи од најмладите гледачи во Македонија, посочува Борче Димитровски, директор на националната установа за која воедно се пишува во филмскиот магазин.
– Во изминативе години главна цел на нашата програма е филмската активност. Со подршка на Еуроимаж-програмата, големата сала ја опремивме со врвна технологија на DCP проектор. Резултатот од оваа инвестиција е драстично зголемениот број посетители и филмски проекции. Нашата цел е да понудиме добра квалитетна филмска програма која ќе има и едукативен елемент за филмската уметност, но и да создадеме и понудиме програма која ќе ги исполни очекувањата и потребите на публиката. Вистинскиот предизвик е да се направи рамнотежа помеѓу квалитетот и количината, изјавува меѓудругото Димитровски во филмскиот магазин “Europa cinemas network review”.
