Неколку организации за човекови права оценија дека Македонија станала едно од „најлошите места за мигрантите во Европа“, јавува „Би-Би-Си“.
Добротворната организација „Лекари без граници“ вели дека најмалку 300 лица секојдневно преминуваат од Грција во Македонија на својот пат кон Европа.
– Дури и македонската полиција нè ограбува, ни ги земаат нашите пари и документи и нè тепаат – вели еден од мигрантите од Сирија, кои „Би-Би-Си“ ги интервјуирал.
– Дозволуваат нивните кучиња да нè тероризираат. Еден од нив ни впери пиштол. Нè ставаат во автомобили и повторно нè носат кон границата, а кога ќе нè извадат од возилата, почнуваат да нè тепаат – вели друг мигрант.
Британскиот национален сервис наведува дека македонската полиција мака мачи со справување со проблемот.
– Да, имаше полицајци кои беа осомничени дека нападнале илегални мигранти. Имаме многу полицајци кои се обвинети дека биле дел од меѓународниот синџир за шверц на илегални мигранти – вели портпаролот на МВР, Иво Котевски.
Во извештајот се наведува дека Обединетите нации, македонските организации за човеков права, како и од канцеларијата на Омбудсманот на Република Македонија забележуваат дека условите во прифатните центри за мигранти се нечовечки.
Новинарката на „Би-Би-Си“ јавува дека чести се случаите на киднапирани мигранти во Кумановско, кои се држат како заложници додека не платат откуп, а има и случаи на силување.