Министерот за економија Крешник Бектеши денеска учествуваше на Петнаесетиот состанок на Министерскиот совет на Енергетската заедница, кој се одржа во Приштина, Република Косово.
На состанокот Министерскиот совет, министерот Бектеши го презеде претседавањето со Енергетската заедница за идната година, поточно за периодот од 1 јануари до 31 декември 2018 година, а пред Советот на министри ги истакна приоритетите во текот на македонското претседавање, меѓу кои дополнување на Договорот за основање на Енергетска заедница, целосно спроведување на Третиот енергетски пакет, особено раздвојување на операторите на преносните системи, електричната енергија и гасот кај сите договорни страни, спроведување на регионален Меморандум за разбирање склучен во рамки на WB6 за спојување на ден-однапред пазарите на електрична енергија и балансирање, воведување на еднакви правила за издавање и признавање на лиценци и сл.
Министерот Бектеши, во рамки на приоритетите на Република Македонија како нов претседавач, предложи регионална соработка во итни случаи за електрична енергија за да се избегнат едностраните забрани за извоз, како и решавање на регионалните спорови во рамките на Енергетската заедница.
Состаноците на Министерскиот совет се одржуваат еднаш годишно, и тоа на место кое што ќе го одреди земјата потписничка на Договорот која што во тој период претседава со Енергетската заедница, согласно ротирачки принцип.
