Бејли во Куманово: САД работат да ја видат Македонија како дел од НАТО

Од:

Вежбата „Dragoon Guardian 17“ е одлична можност за зајакнување на билатералната соработка меѓу Армијата на Република Македонија и Вооружените сили на САД. Гледајќи ја амбициозната програма во вежбата, која е плод на заеднички напори на припадниците на АРМ и нивните американски колеги, уверена сум дека ова вежба ќе биде одлична  можност за зајакнување на подготвеноста на нашите единици, ќе придонесе кон подобрување на интероперабилноста и ќе ја приближи АРМ кон високите критериуми на нашите партнери од САД, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска на свеченоста за означување почеток на планираните активности на заедничката воена вежба.

Според Шекеринска, Министерството и АРМ вложуваат напори за меѓународно промовирање на армискиот полигон „Криволак“ декларирајќи го како соодветен капацитет за тренинг во регионални рамки, но и пошироко.

Амбасадорот на САД во земјава, Џејс Бејли смета дека е соодветно што вежбата почнува во Куманово – град кој историски претставува крстосница меѓу Македонија и нејзините соседи, каде се поврзуваат трговските и транспортните патишта од истокот и западот со северот и југот. Тој додаде дека годинава речиси 600 војници од Македонија ќе учествуваат на мултинационални вежби спонзорирани од САД во Европа.

Амбасадорот Бејли потсети дека следната недела заменик- претседателот Пенс ќе патува во Црна Гора и ќе се сретне со лидерите на Самитот на Јадранската повелба. Нагласи дека минатиот месец во Вашингтон, Пенс истакнал оти политиката на НАТО за отворена врата мора секогаш да остане таква за сите оние земји што ги споделуваат вредностите.

Според Бејли, САД работат да ја видат Македонија како станува дел од НАТО, било да е преку поддршка на реформите за зајакнување на демократијта или вежби како што е „Dragoon Guardian 17“.

Бригадниот генерал Зоран Милевски потенцираше дека вежбата претставува одлична можност за подобрување и унапредување на тактиките, техниките и процедурите кои ги спроведуваат нашите единици кои ќе овозможат структуирање не само на инжинерските капацитети на првата мехнизирана пешадиска бригада, туку  и на способностите на четата за АБХО од составот на ЗОК.

Претпладне на граничниот премин Деве Баир вториот инижинериски ескадрон на Вооружените сили на САД во конвој со по 20 возила влегоа во Република Македонија, при што дел од возилата се упатија кон армискиот полигон „Криволак“ каде што отпочнуваат со вежбовните активности.