Во поливалентниот простор на ООУ „Блаже Конески“ во Велес денеска се одржа 4-от, веќе традиционален Базар на традиционална храна под мотото „По традицијата се препознаваме“.
На штандовите учениците кои беа во својство на продавачи на посетилите им понудија на продажба разни домашни солени и благи македонски и велешки специјалитети подготвени од нивните мајки и баби, како и разни печива од четири велешки пекарници кои се вклучија во Базарот.
Како што за МИА информира професорката Каролина Попова, вклучена во организацијата на Базарот, годинава новина на базарот е што освен помалите биле вклучени и учениците од повисоките одделенија. Догодина планираат да ги поканат за учество и учениците и професорите од другите училишта од градот.
– Задоволни сме од одѕивот на учениците и нивните родители за базарот. Во изминатите три години имаше хуманитарен карактер, а годинава одлучивме парите собрани од продажбата да ги намениме за техничка опрема за потребите на училиштето, информира Попова.
