Процесот за надминување на разликите за името трае предолго, но со добра волја на двете страни, со конструктивен пристап, е можно да се направи прогрес, оценил генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун на средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, што се одржа денеска во Виена.
На средбата, што се одржа на маргините на 5. Глобален форум на Алијансата на цивилизациите на ОН, Иванов и Бан Ки Мун разменија информации и мислења за процесот што се води во ОН за надминување на разликите околу името, по последните средби на медијаторот Нимиц во изминатиот период.
Како што јави известувачот на МИА, претседателот Иванов ја поздрави зголемената динамика во процесот и истакна дека Македонија активно и конструктивно како и досега така и сега учествува во процесот со добра волја да се дојде до заемно прифатливо решение.
– До такво решение е можно да се дојде доколку и другата страна има ист пристап и доколку стриктно се придржува до рамката во која се водат разговорите, нагласи Иванов повторувајќи го барањето од последната средба, генералниот секретар да го вложи својот авторитет и согласно обврските од резолуциите на Советот за безбедност, да не дозволи процесот да излегува надвор од воспоставената рамка од двете страни.
Бан Ки Мун истакна дека процесот трае предолго и изрази надеж дека со добра волја на двете страни, со конструктивен пристап, е можно да се направи прогрес.
Генералниот секретар на ОН изрази благодарност до претседателот Иванов за вниманието кое го посветува на Алијансата на цивилизациите и благодарност за придонесот што Република Македонија го дава преку регионалната иницијатива за Дијалог на цивилизациите уште од 2003 година. На интерес на Бан Ки Мун Иванов го запозна со состојбите во регионот.
На средбата присуствуваше и новиот специјален пратеник за Алијансата на цивилизации на ОН Назир Абдиулазис Ал Насер. Иванов му го честита изборот и го запозна со иницијативата на поранешниот претседател Борис Трајковски од 2003 за Дијалог меѓу цивилизациите, која покажа исклучителни резултати во регионот на Југоисточна Европа, како и за подготовките за одбележување на 10 годишнината од првиот самит која ќе се одржи во Охрид на почетокот на јуни. Договорена е натамошна соработка, помош и поддршка на планот на Алијансата и дијалогот на цивилизациите. Специјалниот пратеник изрази подготвеност за дирекна комуникација на тие проекти.