Балканализис: За СДСМ кризата е како кислород

Од:

Лажна криза оркестрирана од политичка фракција која бара меѓународна поддршка за своите цели – со овие зборови се оценува актуелната состојба во Македонија во опширниот текст на истражувачката новинарска мрежа Балканализис.

Анализата се осврнува на целите на политичките фактори во Македонија, како и на најзначајните меѓународни партнери, и заклучува дека се работи за политичка криза мотивирана од страна на лидерот на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија Бранко Црвенковски, кој не наидува на меѓународна поддршка и дури и да успее да испровоцира уште едни предвремени избори, веројатно би ги загубил.

– Историски гледано, кризата е како кислород за водечката македонска левичарска партија. Кога СДСМ се посилни, а состојбите се критични, како во 1994 година и повторно по војната во 2001 година, кризниот концепт му помагаше на СДСМ да дојде на власт. Партиските водачи на СДСМ се претставуваа себеси како мудри и умерени, и како единствените кои се способни да ги надминат замислените закани за опстанокот на нацијата. Но, Македонија од 2006 година, а особено од 2008 година ужива внатрешна стабилност без преседан, која ја остави опозицијата без овој неопходен кислород. Затоа, наместо да се преориентираат кон модерна агенда, СДСМ ги потроши изминатите седум години во жалење на секој што е спремен да ги слуша дека животот не е фер. Големиот број внатрешни проблеми во партијата произлегуваат од хроничната неспособност на членството да го намали влијанието на долгогодишниот водач чија смена одамна требаше да се случи и кого еден странски познавач на Македонија го опишува како човек од минатото кој политичките игри ги научил во комунизмот, а сега не знае да се прилагоди на сменетиот свет, пишува Кристофер Делисо, е долгогодишен набљудувач на македонските состојби за аналитичкото одделение на Економист.

Во анализата, објавена на интернет страницата њњњ.балканалѕсис.цом се оценува дека политичките активности на СДСМ се вртат околу добивање медиумско внимание низ провокации и опструкции, но дека во текот на актуелната криза, Владата одговорила со воздржаност и успеала да се наметне како поумерената и конструктивната страна.

– Од крајот на декември опозицијата го насочи целото свое внимание на опишувањето на еден настан, бидејќи нивната стратегија на провокации не успеа да произведе буквално ништо друго значајно за спомен. Овој настан не успеа да придобие јавна поддршка, но привлече неколкумина наивни ‘правоверници’ од меѓународните медиуми и дипломатскиот свет. Овој голем настан кој се обидуваат да го овековечат се нарекува ‘настаните од 24 декември’ и од свеченоста со која се изговараат овие зборови би помислиле дека се настан на ранг со падот на Берлинскиот ѕид или некоја позната битка, но не беше ниту едното ниту другото. Се работи за делумно успешен обид да се испровоцира инцидент кој дојде откако членовите на СДСМ во собраниските комисии со денови се обидуваа, понекогаш и насилно, да ја парализираат администрацијата на државата и исплатите на пензиите преку блокада на буџетот за 2013 година, што би можело да успее да предизвика безредија. Во тоа не успеаа. Фрустрираниот СДСМ тогаш испровоцира инцидент во Собранието по што нивните членови и новинарите беа отстранети од обезбедувањето. Партијата се обидува хиперактивно да ги алармира дипломатските кругови, а Црвенковски доби повод да најави улични протести и бојкот на Собранието, пишува во анализата на Балканализис, во која се додава дека бојкотот на СДСМ на Собранието дава повод на Европската Унија да ја опише состојбата во Македонија како назадување, а на Грција и дава можност да го избегне притисокот кој се врши врз неа да преговара за надминување на спорот за името.

– Со тоа, ЕУ повторно својот притисок за надминување на спорот ќе го насочи исклучиво кон Македонија, наместо кон Грција. СДСМ ќе добие можност да обвини дека Владата е неспособна да ја води Македонија кон членство во ЕУ, и не може да го реши спорот за името. Во комбинација со кампања на улично насилство, кое го најавија некои од водачите на СДСМ, Црвенковски хипотетски би го остварил својот сон за дестабилизација. Но, дури и да успее во тоа, тој нема внатрешн капацитет и единство да ја исполни било која празнина која би била оставена во евентуални немири и малку е веројатно дека може да создаде услови за одржлива алтернативна власт, пишува во анализата на Делисо.

Во текстот се оценуваат и активностите на меѓународната заедница, при што се оценува дека Европската Унија покажала неочекувана цврстина да одбие да биде вклучена во ова сценарио и се наведуваат реакциите на голем број европратеници како што се Елмар Брок и Дорис Пак при што однесувањето на СДСМ се оценува како неодговорно кон сопствената држава и слично на албанскиот социјалистички водач Еди Рама. Сепак, пораките кои ЕУ ги испраќа Балканализис ги оценува и како збунувачки, поради паралелните повици за неодреден компромис меѓу македонските политички водачи.

Од страна на САД, Делисо оценува дека американските активности биле воздржани, и не добило меѓународното внимание на кое Црвенковски се надевал, напротив, доби повик за враќање на СДСМ во Собранието. Како причина што довела до интерес на американските дипломати во јануари да се размислува за притисок врз македонските партии да се договорат меѓу себе, Балканализис ја наведува заканата за замрзнување на буџетот на ОБСЕ, со што би имало опасност изборите да бидат непризнати од опозицијата и без набљудувачка мисија. Но, оваа закана била надмината, со што, според Делисо, се намалува и интересот на меѓународните фактори да се вклучат во политичките состојби во Македонија. Според Балканализис, амбасадорот Волерс со неговото значително влијание во Стејт департментот се поставил непристрасно и не дозволил емоциите да го водат американскиот одговор. Според Балканализис, американските дипломати се поставиле повоздржано во однос на европските и поради тоа што македонските партии успеваат своите меѓусебни спорови да ги префрлат во Брисел, при што европските претставници во Скопје се главно наклонети кон левицата, како поранешниот амбасадор на ЕУ Ерван Фуере. Делисо наведува дека во период од 2008 до 2011 година, можела да се забележи видлива омраза на некои од европските дипломати кон Владата на премиерот Никола Груевски. Од друга страна, главната загриженост на дипломатијата на САД е кризата во СДСМ да не се одрази штетно врз целата држава.

– Една од тезите на СДСМ е дека актуелната Влада е тиранска и закана за демократијата. Американските дипломати на теренот не гледаат забележителни знаци за поткрепа на ова. Тие се всушност загрижени дека самоуништувачките постапки на СДСМ ќе доведат до тоа да нема било каква сериозна опозициска партија, ситуација слична на периодот од 1994 до 1998 година кога СДСМ беше на власт, а ВМРО-ДПМНЕ во бојкот, што е веројатно најкатастрофалниот период во кусата историја на земјата. ‘Губењето на реалната опозиција може да создаде ситуација, за три до пет години, власта да се централизира и со тоа да се создаде искушение за авторитативно владеење’, вели странски дипломат за Балканализис.