Со пеење на песната Вечниот бог осумдесеттина младинци, деца со нивните родители и други верници денеска ја изведоа првата Бадникова поворка во Тетово. Таа започна од соборниот храм Свети Кирил и Методиј, а благослов на учесниците им даде митрополитот тетовско – гостиварски господин Јосиф.
-Господ бог да ве благослови. Ме радува што ве гледам во волкав голем број, што ја пеете оваа прекрасна песна Вечниот бог. Од овој храм сега ќе појдете по градските улици, пеејќи ја истата песна и ќе го делите благословот и мирот божји низ тетовските улици. Со ваква воспитана младина нашата Македонска правослвна црква, нашата татковина и нашиот народ има добра иднина. Господ да ве благослови и да се гледаме што порадосни и повесели, рече господин Јосиф.
Според планот на организаторите, бадниковата поворка помина низ неколку тетовски маала посетувајќи повеќе домови, институции и фирми за потоа низ центарот на градот да ги помине сите поголеми улици и булевари до излезот кон Скопје.
– Празникот кој досега се празнуваше, не беше достоен и песните коишто за Бадник се пееја не беа достојни за раѓањето Христово. Потребно е нашите генерации малку да ги променат и да се внесе вистината во чествувањето и да се пренесе вистинската големина на овој празник за идните генерации. И самата идеја и радосна вест и самата порака што се однесува и на нашето однесување и на нашето поведение треба, исто така, на следните генерации да ја пренесеме за сите да имаме подобар живот затоа што раѓањето Христово се оденесува директно и на нашето живеење, изјави членот на орагнизаторите на Бадниковата поворка во Тетово Крумислав Божиновски
Во рамките на одбележувањето на Бадник во манастирскиот комплекс Свети Ѓорѓија во Мала Речица се изврши мал водосвет, а во соборниот храм Свети Кирил и Методиј во Тетово беа осветени бадниковите гранки и запален Бадниковиот оган. Бадник во Тетово се одбележува и со бадникови огнови низ повеќе маала и населби во градот и неговата околина.