Повардарската Епархија денеска за првпат во Велес организира Бадникова литија по велешките улици. Празнувањето започна со Света литургија која свештеници од Епархијата Повардарска ја служеа во новоизградената црква „Св. Козма и Дамјан“ во кругот на Општата болница.
По завршување на литургијата, свештеници и стотина дечиња од Велес тргнаа на масовна поворка-Бадникова Литија.
Учесниците ја пееја „Вечниот бог“ и со макетата на Витлеемската пештера со Богородица и малиот Исус се движеа од црквата до новиот театар, потоа до кружниот тек кај „Авона“ и по пешачкиот мост над железницата пристигнаа во Општината. По патот, децата со радост беа поздравени од граѓаните на Велес кои ги даруваа со Бадникови подароци.
Во зградата на Општина Велес ги пречека градоначалникот Славчо Чадиев со својот тим и ги дарува со бадникови пакетчиња.
Како што појаснија од Повардарската Епархија ваква прослава се одржува за првпат со Велес, а е во духот на традицијата и православните празнувања за Бадник.