Аврамопулос и Билд разговараа за Македонија

Од:

Грчкиот и шведскиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос и Карл Билд денеска во Атина, меѓу другото, детално разговарале и за Македонија, јави дописникот на МИА од Атина.

– Разменивме мислења за политиката на проширување и европската иднина на земјите од Западен Балкан, вклучително и Република Македонија, за чија ситуација дискутиравме во детали. Заедно потврдивме дека напредокот на нашите соседи кон усогласување со европските стандарди, ќе биде предуслов за консолидација на безбедноста во Југоисточна Европа, изјави Аврамопулос по средбата со Билд.

На новинарско прашање за национализмот во Европа, Билд рече дека една од целите на дејствувањето на Европската унија „е да се справи со духовите од минатото во Европа кои често имаат тенденција да се вратат во форма на национализам“, додавајќи дека на Балканот денес има такви тенденции.

– Тоа е една од причините што ние двајцата сакаме да се забрза процесот на интеграција на Балканот во ЕУ. На 1 јули Хрватска ќе стане нова членка, се надевам дека ќе можеме да ги преземеме неопходните чекори за отворање на пристапните преговори со Србија, да продолжиме со Црна Гора, се надеваме дека ќе се придвижи и прашањето за Косово, а тука е и прашањето за името кое секој го знае, дури и во Босна некои работи почнуваат да се движат. Но, морам да кажам дека без земји како што се Грција и Шведска во ЕУ, промовирањето на процесот во рамките на Унијата ќе биде потешко, изјави Билд.

Аврамопулос се надоврза на темата истакнувајќи дека „популизмот и национализмот денес се најлоша комбинација во нашиот регион и ги поткопуваат сите напори за консолидирање на стабилноста во овој чувствителен регион на Европа“.

– Никогаш не смееме да заборавиме дека Грција е стабилизирачки фактор во регионот. Ние ги осудуваме популизмот и национализмот и на сите начини испраќаме позитивна порака до нашите соседи, особено до оние со кои имаме некои проблеми кои треба да се решат, рече Аврамопулос.