По повод 20-годишнината од работата на Британскиот совет во Македонија, синоќа на свечена церемонија ѝ беше врачена благодарница на Министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска.
Благодарницата беше доделена за партнерство и соработка меѓу Британскиот совет и Министерството, при што меѓу другото беа истакнати значајните резултати и постигнувања на МИОА во однос на зајакнувањето на капацитетите на вработените во јавниот сектор поврзани со јазичните компетенции. Благодарници им беа доделени на уште 24 институции, меѓу кои и на Министерството за надворешни работи, Министерството за култура, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, како и на Музејот на современа уметност, Градот Скопје, Националната и универзитетска библиотека, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство итн. Свеченоста беше заокружена со изложбата „Нова религија“ на современиот британски уметник Дејмиен Хрст.
Претходно, Министерката Арсовска Томовска оствари работна средба со регионалниот директор на Британскиот совет за Европа, Енди Вилијамс, кој изрази задоволство од успешната соработка меѓу Министерството за информатичко општество и администрација, Амбасадата на Обединетото Кралство и Британскиот Совет. На средбата се разговараше за досегашната соработка од областа на реформата на јавната администрација и плановите во иднина, при што беа споделени искуства во однос на онлајн-решенијата за изучување на англискиот јазик, како и за програмите за понатамошно надградување и усовршување на административците.
Инаку, на доделувањето на благодарниците, присуствуваше и Амбасадорот на Обединетото Кралство во Република Македонија, Чарлс Гарет, Министерот за надворешни работи Никола Попоски и Министерот за образование и наука, Пиштар Лутфиу, како и истакнати личности од академската сфера.