Претставници на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија (АППТ) денеска остварија средба со градоначалникот на општина Штип Благој Бочварски и раководителката на Источниот плански регион Драгица Здравева, на која било посочено дека Источниот плански регион има потенцијал за популаризација на еко-туризмот, руралниот и културниот туризам.
На работниот состанок, како што информираат од АППТ, било разговарано за унапредување на туристичкиот промет во овој дел на Македонија преку подобрување на меѓу-институционалната соработка и активна вклученост на регионите во промоција на Македонија на интернационалните саемски настапи организирани од страна на АППТ.
Како можности за соработка биле посочени промоцијата на проектот “спомен куќата на Киро Глигоров”, како и поддршката од АППТ за иницијативата за прогласување на живописното село Лесново за прв Гео парк.
На средбата дополнително станало збор и за осветлувањето на Тврдината Исар, која претставува посебен белег за градот, а ќе овозможи интензивирање на туристичкиот промет, потоа популаризација на традиционалните и настани како фестивалот Макфест и Пастрмалијадата.
Источниот плански регион е дел од иницијативата на АППТ за рамномерен регионален туристички развој и кој води до отварање на туристичка канцеларии што ќе придонесат за интензивирање на регионалниот економски раст.
