Анима Мунди: Суровоста кон животните отвора пат до ново насилство

Од:

4. Октомври е Светскиот ден на животните, а оваа цела седмица е во знакот на борбата за нивните права и воведување построги закони кои би требале да ги штитат. Ова се денови кои се одбележуваат насекаде во светот, за да се привлече внимание на судбините на животните – тие чувствителни, мили битија, кои се континуирано обезвреднувани и искористувани од човекот, појаснуваат од здружението за заштита на животните Анима Мунди.

„Во светот има многу проблеми кои треба да се решат, а суровоста врз животните е еден од нив. Апелираме институциите секогаш да дејствуваат, а не да молчат, обезвреднуваат бројни пријави за измачување, труења, убивања, злоставувања на животните кои ги добиват на својата адреса. Апелираме на сериозна примена на Законот за заштита и благосостојба на животните како и казнените одредби од Кривичниот законик кои предвидуваат и казна затвор од година дена, за суровост и измачување.

Посочуваме – ако суровоста кон животните се игнорира, истата индиректно се одобрува, третира за прифатлива, и го отвара патот на насилството – а насилството кон животните е секогаш само почеток, но таму не завршува и се рефлектира понатаму во сите свери на нашето општество.

Секое животно има своја специфична природа, свои потреби, чувствува, го карактеризира свесност и интелигенција, се грижи за своите младенчиња, сака слобода и сака да живее. ПРИРОДАТА НЕ ПОЗНАВА ЖИВОТНИ ШТЕТНИЦИ (пр. глувци, или пак волци, лисици), или животни помалку важни (кокошки, свињи, овци..) и секое едно од нив ја надополнува совршеноста на планетата земја и нејзиниот раскошен биодиверзитет. Биодиверзитет кој е децениски под сериозна закана, од факторот човек“, порачува Анима Мунди.

Заштитниците на животните порачуваат дека демократското општество „својот напредок мора да го покажува и во односот кон животните и уважувањето на нивното право на живот, во скад со природата на нивниот вид.
Развитокот на свест значи промена во сите области и во сите нивоа, значи напредок и хуманизација, почит кон општествените норми и права. Хуманизација на живеењето подразбира создавање на нови вредности и критериуми, каде насилството ке добие максимална осуда и ќе биде препознаено како закана за безбедноста, сигурноста не само на луѓето, туку и на животните“.