Анима Мунди: Партиски активисти во раководните структури на ЈП „Лајка“

Од:

Иако градоначалниокот на Скопје Петре Шилегов ветуваше дека во новото јавно претпријатие „Лајка“ за третман на бездомните животни ќе бидат вклучени невладините организации, сепак во одлуките кои утре треба да се најдат на гласање во Град Скопје, за членови на Управниот и Надзорниот одбор се предложени партиски активисти и членови на здружение кое е формирано пред само два месеци.

На ова реагира здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ од каде велат дека иако постојат 10 години и континуирано вложуваат напори за надминување на проблемот со бездомните животни, не билe ниту контактирани ниту консултирани, ниту пак биле поканети да предложат соодветни лица за управните и надзорните структури во новоформираното јавно претпријатие.

„Како што е наведено во одлуките кои треба да се разгледуваат утре, од активистите од невладиниот сектор со искуство од сферата, градот предлага членови од организација формирана на 21 март 2019 година, на кои пројавениот ентузијазам за оформување позитивни општествени промени временски им коинцидира со периодот на формирање на ЈП Лајка. Градоначалнику Шилегов, немаме ништо против никого, не не изненадува што во управните и надзорните одбори си предлагате и ставате ваши подобни и/или партиски луѓе, но не го ставајте активизмот во уста напразно и лажно! Приказната дека Вардариште е на активистите е манипулација и лага. Ова се некои ваши активисти кои сега прв пат стапнуваат во Вардариште“, велат од Анима Мунди.

Меѓу предложените членови на Управниот одбор на ЈП Лајка е Мери Николова, сопругата на Агрон Буџаку поранешен амбасадор во Франција. На листата има двајца активисти за заштита на животните, а за претседател на Управниот одбор се предлага Никола Савовски од СДСМ.

За членови на Надзорен одбор се предлагаат Фатмир Арифи, Радица Тодоровска Алексовска и Сакип Аџами.

На листата нема ниту еден член на некое од постоечките долгогодишни здруженија за заштита на животните.

Советот на Град Скопје во февруари годинава ја донесе одлуката за формирање јавно претпријатие за хуман третман на бездомните животни „Лајка“.

Новото јавно претпријатие ќе се формира од постојните служби што досега функционираа во рамките на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, преземајќи ги сите активности како заловување на животните скитници, нивниот транспорт до стационар, прием и преглед од овластен ветеринар, лабораториско испитување на животните на одредени болести, стерилизација, постоперативно сместување, лекување и нега, ветеринарна грижа, идентификација и регистрација, вакцинација и дехелментација, враќање на местото на заловување или преземање процедури за вдомување од заинтересирани граѓани.

На седницата беше кажано дека „во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе бидат вклучен и невладиниот сектор со искуство во сферата на заштитата на животните“.

Мери Јордановска