Анѓушева: На десет лица, шест имаат висок крвен притисок

Од:

Надворешни фактори кои влијаат за хипертензија или висок крвен притисок се стресот, пушењето и нездравите навики. Познатиот кардиолог д-р Тања Анѓушева забележува дека на внатрешните наследни фактори не можеме да влијаеме, но она на што можеме да делуваме е да ги отстраниме лошите навики, кои се многу поштетни. Анѓушева која денеска присуствуваше на научниот симпозиум во Штип истакна дека праксата покажува оти од десет кај шест луѓе има хипертензија, што значи дека статистиката со право го става високиот крвен притисок на врвот на листата на здравствени ризици.

– Внатрешните ендогени ризик фактори се наследните фактори коишто ние ги носиме со нас и не можеме да ги смениме, меѓутоа надворешните ризик фактори се тие на коишто можеме да делуваме. Обезноста, неправилниот начин на исхрана, седечкиот начин на живот се едни од главните ризик фактори. Ризик фактор е и пушењето, кое, за жал, е многу присутно и кај помладата популација, стресот во голема мера придонесува, вели Анѓушева.

Таа препорачува релаксацијата, консумирањето здрава храна и откажувањето од пушење и на тој начин секој ќе ги подобри здравјето.

– Пред сè, здрава храна, здрав живот, да се прекрати со пушење, да се обрнува внимание многу на хигиената, да се избегнува брза храна, мрсна храна, да се вратиме малку кон природата, прошетки, пешачења, спортски активности. Тоа е она што индиректно делува и за релаксација и ослободување од стресот, а воедно директно ни го подобрува нашето здравје, истакна Анѓушева.

Посочува дека за вработената популација потребни се чести лекарски прегледи, а особено да се прават систематските прегледи.

– Затоа треба да се прават редовни т.н. систематски прегледи коишто за вработената популација треба да бидат организирани еднаш годишно. Покрај тоа што се прави редовен преглед на ЕКГ, се мери крвен притисок, се прави ехокардиографски преглед, треба да се направи и контрола на крвна слика, да се види колкави се маснотиите во крвта. Скринингот е најдобрата превенција на несаканите ефекти на кое било заболување, а особено на хипертензијата, рече Анѓушева.

Таа додава дека високиот крвен притисок се смета за тивок убиец, нема тегоби, а полека го грицка здравјето на организмот. Кога пациентот станува свесен, веќе има болно срце, нарушување на видот и пореметување на бубрезите.

Би можело да ве интересира

Кардиолозите тврдат дека попладневниот одмор влијае на намалување на крвниот притисок