Долгонајавуваната метла на премиерот Зоран Заев за функционерите на власта, нема да ги опфати вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за здравство, Венко Филипче, дознава неофицијално „А1 он“.
За Венко Филипче, кого јавноста отворено го критикува за неуспешните политики во здравството, но и е близок до семејството Заеви, неофицијално се зборува дека е можно да добие и вицепремиерско место во Владата. Тешко дека ќе биде сменет и Анѓушев, иако изминатиот период тој беше мета на критики, поради тендерите кои некои од неговите фирми ги добиваа од државните компании.
Извесно е дека со метлата ќе бидат опфатени министерот за трансопорт и врски, Горан Сугарески и министерот за животна средина, Садула Дураку.
Мила Царовска и вицепремиерот Бујар Османи, за кого СЈО води истражна постапка, исто така остануваат министри во кабинетот на Заев. Царовска поднесе кривична пријави против непознати сторители за злоупотребите во вториот пензиски фонд, но Обвинителството ѝ ја отфрли пријавата. Заев неодамна изјави дека ниту една жена од Владата нема да биде опфатена со метлата.
Нова позиција, според нашите избори, треба да добие министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, но не нов министерски ресор, туку во некоја од енергетските компании.
Можни наследници на испразнетото место за новиот генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски се споменуваат Гоце Георгиевски, актуелен советник во кабинетот на министерот за земјоделство, потоа, Игор Милев (поранешен член на ДИК, а сега е советник во Царина) и пратеничката од СДСМ, Татјана Прентовиќ.
Георгиевски е магистер по земјоделски науки. Во професионалната кариера Георгиевски бил ангажиран на домашни и странски проекти за развој на земјоделството.
Метлата на Заев засега ги опфати само 78-те претседатели на општинските организации на СДСМ. Беа разрешени шесте потпретседатели на СДСМ, генералниот секретар Александар Кирацовски, на чие место дојде Љупчо Николовски, тројцата секретари и координаторката на Форумот на жени.
Заев рече дека реконструкција за жените во Владата нема да има, односно дека таканаречената метла нема да ги опфати нив. „Ќе има промена на министерските позиции, заменици министри и други функционери во владата, како и директори на ЈП, агенции, АД во државна сопственост, секаде каде буквално нема резултат, односно се покажала ароганција, се немало доблест, се намело демократски капацитет, успешност, ќе се случат промени. Ќе бидат, исто така сериозни какви што се овде во политичката партија, бидејќи само така е во ред“, рече неодамна Заев.