Актери: Министерке, поважни се актерите од златните чешми и лустери

Од:

По веста за повредата на актерката Лијана Велјанова во новиот МНТ, се огласија нејзините помлади колешки, кои откриваат какви се навистина условите во новиот скап театар. Актерките Сања Арсовска и Кристина Леловац пишуваат дека безбедноста на актерите треба да биде врвен приоритет во „златниот“ театар што граѓаните ги чинеше речиси 40 милиони евра.

„Не знам како се случила несреќата во МНТ и како е Лиле, се надевам дека брзо ќе закрепне. Она што е важно е дека доколку МНТ има безбедносни недостатоци, тие треба да се решат.

Дали е во прашање некадарен персонал или архитектонски дилетантизам, не ми е гајле, нека се реши.

Патем, поштована министерке, театарската уметност не е зграда, таа е жива материја, мрда и дише и има свој мотор, актерите. Нивната безбедност во театар што сме го платиле 40 милиони евра треба да биде пред и над сите техничко-технолошки играчки и златните лустери, плочки и чешми.

И во иднина, пред да говорите за вашите заложби во театарот, вадејќи се дека градите театри заради огромната почит кон нас, театарските уметници (а не за да исперете пари преку анекси), пуштете греење во театрите низ внатрешноста, чисто вашите изјави да не изгледаат лицемерни.“ напиша Арсовска на својот фејсук профил.

Кристина Леловац открива дека во новиот театар, имало и други случаи на повредени актери.

„Кратката приказна за скршениот колк на актерката Лиле Велјанова – иако недораскажана поради експресно испратените деманти од сите засегнати страни, вклучително и од повредената колешка, според кои никој не е должен да чувствува одговорност за немилиот настан, е само уште една потврда за тоа дека велелепната зграда, која нè чинеше 40.000.000 евра, секојдневно ги чини моите колеги по малку здравје и живот.

За жал сè што на капки и инцидентно допира до јавноста во врска со новиот објект на МНТ е точно – и тоа дека во гримиорните нема штекери и тоа дека во тоалетите зад сцена има огромни прозорци покрај кои додека вршите нужда поминува публиката, но за жал и тоа дека скалите под сцената се неосветлени и по нив се паѓа и тркала и тоа дека модулите се спуштаат и креваат на сред сцена и пресекуваат прсти… И така ќе биде сè додека на оние што мислат дека театарот е зграда што ја градат за да си ја користат за собири, прослави, приеми и сликања им се заблагодаруваме што во 21 век имаме гримиорни со клима и парно.

Посакувам колкот на Лиле да заздрави побрзо одошто во МНТ ќе закачат ознаки на вратите, ќе ги осветлат скалите под сцената и ќе го обучат кадарот за ракување со богатата техника.“, пишува на својот фејсбук профил, актерката и доцент на ФДУ, Кристина Леловац.