АХВ: На македонскиот пазар нема небезбедни Марс, Сникерс и Милки веј

Од:

 На македонскиот пазар нема небезбедни чоколади во кои е утврдено присуство на делови од пластика. Небезбедна производствена серија пратки од чоколадите Марс, Сникерс, Милки веј, Веј минис и Минијатурис, за кои вчера беше издадена наредба за повлекување од пазарот на 55 земји, не е увезена во Република Македонија, соопшти денеска Агенцијата за храна и ветеринарство.

Според АХВ, во домашниот промет има чоколади од овие брендови увезени од Холандија, но со различен производствен сериски број од небезбедната нотифицирана пратка.

– Агенцијата за храна и ветеринарство будно ја следи состојбата со овој случај и е подготвена да реагира навремено доколку се јави потреба, со преземање на соодветни мерки. Како одговорна институција за безбедноста на храната апелираме граѓаните непотребно да не се вознемируваат и доведуваат во заблуда дека производите кои се продаваат на домашниот пазар се  небезбедни и можат да го загрозат нивното здравје, стои во соопштението.