Ахмети побара од Хан да се повтори препораката за почеток на преговори со ЕУ

Од:

Претседателот на ДУИ Али Ахмети побара од еврокомесарот Јоханес Хан да се повтори препораката на Европската комисија за отворање преговори за членство на Македонија во ЕУ и заеднички со пријателите од Вашингтон, како и земјите членки на ЕУ, да го вратат фокусот во решавањето на прашањето за името и отворање на евроатланската перспектива на Македонија, соопшти денеска ДУИ.

– Ние ветуваме ангажираност во спроведувањето на баранитe реформи за градење постабилни и одржливи институции, како и демократско и одговорно општество, но истовремено очекуваме ваша посветеност во надминувањето на последната препрека која стои помеѓу Македонија и евроатланската интеграција, стои во пораката од Ахмети до Хан.

Македонија и регионот, потенцира Ахмети, имаат потреба за стабилност и безбедност, затоа, вели, да не ги штедиме нашите заеднички напори за интеграција на нашата земјата во ЕУ и НАТО бидејќи тоа е нашата стратешка определба, нема друга алтернатива.

Како учесник во преговорите за решавање на политичката криза во Македонија и во името на ДУИ, тој изразува благодарност за директната посветеност на Хан и на амбасадорите Аиво Орав и Џес Бејли, како и нивнитe тимови, заедно со олеснувачот Питер Ванхојт, во решавањето на политичката криза и затворање на повеќе спорни прашања кои овозможуваат одржување на изборите на 24 април 2016 година.

– Соработката со меѓународната заедница и заедничкото градење политики секогаш носеле придобивки за мојата земја и нашите граѓани, уште од постигнувањето на Охридскиoт договор, стекнувањето статус на земја-кандидат за членство во ЕУ, визната либерализација, препоракaтa за отворање на преговорите со ЕУ, како и доближувањето до НАТО, стои во писмото од лидерот на ДУИ до еврокомесарот Хан.