ДУИ останува на ставот дека Македонија треба да избере консензуален претседател и по тоа прашање нема да правиме отстапки, порача од вечерашниот митинг во Ресен лидерот на ДУИ Али Ахмети.
– Остануваме на ставот за косензуален претседател, нема да отстапиме од нашата замисла, нема договор со ниедна партија, рече Ахмети.
Тој додаде дека на Македонија и треба соживот, кој, како што истакна, можело да се види на вечерашниот митинг во Ресен, бидејќи биле присутни и Албанци и Турци, Египјани, Роми и Македонци.
Ахмети побара поголема поддршка од граѓаните на претстојните парламентарни избори.
– Барам поголема излезност овој пат да се види колку е силна ДУИ, партијата на ДПА е мачка. Ние сме со длабоки корења, мачката може само да гребе по кората без да нанесе штета, рече пред присутните на митингот претседателот на ДУИ Али Ахмети.
На присутните им се обрати и носителот на листата во Изборната единица 5 Муса Џафери, кој вети вложувања во туризмот и овоштарството. Преспанскиот регион го заслужува тоа, рече Џафери, а на таков начин младите нема да го напуштаат овој крај.
Пред симпатизерите и присутните зборуваа и кандидатите за пратеници во петата изборна единица од Ресен, Мемет Оџа и Амет Аџиу.