Демократската унија за интеграција (ДУИ) вечерва одржа централен собир во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“, каде ја презентираше платформата „Заедно одлучуваме“ со која настапува на предвремените парламентарни избори.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети пред присутните рече дека без ДУИ нема да функционира ниту Владата, ниту легислативата и изрази очекување дека ДУИ сигурно ќе победи.
Тој додаде дека ДУИ е најлегитимната партија која ги претставува Албанците и која придонела да се промени најновата историја на Албанците во Македонија.
За следниот период, Ахмети најави дека ќе се реализираат проекти со коишто ќе се подобри животниот стандард на граѓаните, економијата, леглислативата и образованието. Потсети дека во Западна Македонија се отворени 2.000 работни места, а во план е да се изгради слободна економска зона во Липково. Најави и поддршка за заинтересираните домашни и странските инвеститори.
Пред присутните се обрати и носителот на изборната листа од Втората изборна единица Ејуп Аљими, кој рече дека и покрај реализираните проекти во времето на владеење на ДУИ, остануваат дополнителни проекти кои ќе се реализираат.
– Да изградиме сигурна иднина за секое албанско семејство, за економска рамноправност, за сите политики кои беа сон на секој Албанец. Зборуваме за овие политички достигнувања и како да ја градиме иднината, така што мислам дека дојде време да работиме многу повеќе. Дојде време да ја поддржиме платформата, помалку да зборуваме и повеќе да работиме, рече Аљими.