Адвокатите кои ги бранат обвинетите во предметите на Специјалното јавно обвинителство, побараа од претседателот на судот, Иван Џолев и од судиите кои ги водат предметите, да не закажуваат често рочишта за нивните судења.
„Обвинетите не можат да се бранат ако во една недела имаат 3 судења за 3 различни предмети“, рече адвокатот Боро Тасевски.
На неговото барање се приклучија и останатите адвокати на обвинетите Димитар Дангов, Дончо Наков…Тие побараа да се одложи денешното судење за ТНТ бидејќи не го виделе записникот.
„Вие сте искусни колеги, ве знам“ им рече судијата Огнен Ставрев.
Обвинителот од СЈО, Бурим Рустеми рече дека нема основи за да се одложи судењето.
„Докази се доставуваат цело време, но тоа не е причина за одлагање на рочиштата“ рече обвинителот на СЈО.
Судењето за случајот ТНТ е за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Сите седуммина обвинети, меѓу кои и поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, се изјаснија како невини.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на нивниот политички противник Фијат Цаноски. Цаноски, пак, и претставник на фирмата ФИМЕТ, најави дека ќе поднесе побарувања за причинетата штета. Апелациониот суд лани одлучи прислушуваните разговори во случајот ТНТ да може да се користат како докази во судската постапка.
В.Маглешов
