Адеми: Институциите и партиите да се откажат од обидите да ја прикажат ДУИ како виновна за се што се случило

Од:

Целосната морална материјална и кривична одговорност за оваа трагедија не може да се бара на ниедно друго место освен во самата Влада, Министерството за внатрешни работи и Општина Кочани, изјави ноќеска потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми.

ДУИ, посочи Адеми, бара целосна транспарентност и одговорност за вистината да излезе на виделина. Апелира од институциите и партиите, како што рече, да се откажат од обидите да ја прикажат ДУИ како виновна за сè што се случило, што се случува или ќе се случи во иднина.

Според Адеми, наместо сплотеност имало политички интриги на ден кога тоа не смееше да се случи.

– Уште од утринските часови кога пристигнуваа првите информации од Кочани медиумските јастреби на владејачките партии почнаа да ги ставаат темелите на големиот спин којшто во текот на денот се разви во официјален наратив на Владата, рече Адеми во изјава пред полициската станица „Карпош“, што ја пренесоа дел од медиумите, додека траеше распитот на поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, во врска со трагедијата во Кочани.

Адеми рече дека „преку портал уште во 9 часот почнала да се развива теорија дека зад настанот во Кочани стои некој Албанец, за да потоа, како што рече, откако „други провладини портали ја објавуваат истечената лиценца од 2023 година, ја бришат веста за да после неколку часа ја објавуваат веста за некоја фалсификувана лиценца како главен столб на владиниот спин наратив“.

– Наместо министерот за внатрешни работи, кој што е министер во последните 14 месеци, да ја преземе одговорноста што дозволил 12 месеци да работи кабарето без лиценца, секојдневно да се организираат собири спротивно на сите законски прописи и стандарди тој се обидува на бесрамен начин да ја префрли дебата на етничка и партиска димензија, изјави Адеми.

Според Адеми, Бектеши доброволно се пријавил во полиција и како што рече, го викнале и во ПС Кичево, но во разговор со полицијата, како што рече, сам инсистирал да отиде таму каде што може побрзо да даде информации. Дојде во Скопје поради ажурност од негова страна да одговори за секој повик поврзан со овој случај, рече Адеми.

– Ова не им служи на меѓуетничките односи, оцени Адеми, кој изрази сочувство за починатите во трагдијата.