Првиот извештај од мониторингот на вестите за периодот од 15 до 24 април на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги укажув дека пет телевизии – ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Канал 5 Плус, ТВ Нова и ТВ Сител не ги почитуваат начелата од член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, особено она со кое се бара објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување публиката слободно да оформи мислење за одделни настани и прашања (алинеја 9).
-Кај ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Канал 5 Плус и ТВ Сител се забележуваат прилози поврзани со политичката криза, со активностите на државните органи и со промовирањето на мерките од изборната програма на ВМРО ДПМНЕ во чија обработка и третман медиумите покажуваат ист или исклучително сличен начин на известување, разработуваат/акцентираат исти тези и ставови (свои или преземени од домашни или странски медиуми, експерти, претставници на партии), па дури користат и исти (туѓи/странски) снимки како илустративен материјал, што укажува на извесна усогласеност во нивната уредувачка политика. Ова е во спротивност со начелото за самостојност, независност и одговорност на уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика од член 61 став 1 алинеја 13 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Уште една сличност кај четириве телевизии е тоа што ги користат телопите за преку нив да пренесуваат ставови (свои, на политичари, други медиуми и сл.) преку кои го акцентираат негативниот тон и рамка за СДСМ и за активностите на Протестирам, пишува во Иваштајот.
Мониторингот укажува дека на овие телевизии се емитуваат прилози во кои активностите за промовирање мерки за унапредување на земјоделието од изборната програма на ВМРО ДПМНЕ се претставуваат како политика на државата во оваа сфера, како и за прилози за активности на државните органи на централно и локално ниво кои се креирани за да се привлече медиумско покривање, се наведува во Извештајот на Агенцијата.
ТВ Алфа емитува повеќе прилози во кои врши поврзување на активностите за промовирање мерки од изборната програма на ВМРО ДПМНЕ со политиките на државата (на пример, во сферата на земјоделието), како и прилози во кои за активностите на државните органи на централно и локално ниво (на пример, во здравството или изградбата на патиштата) се информира на начин кој може да резултира со известување во функција на изборно медиумско претставување на партиите од власта, пишува во извештајот.
Примерокот од вестите на ТВ Канал 5 се состои од десет изданија на Дневникот во 18 часот. При известувањето телевизијата не ги почитува начелата од член 61 на ЗААВМУ за објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување публиката слободно да оформи мислење за одделни настани и прашања (алинеја 9), за почитување на човековото достоинство (алинеја 1) и за поттикнување на духот на толеранција (алинеја 3).
Значителен дел од времето во вестите, со позитивен тон и рамка, е посветено на ВМРО ДПМНЕ, во кое влегуваат и интервјуата со Никола Груевски, Никола Тодоров, Ивица Коневски. Со помалку време е застапена СДСМ, најчесто со негативен тон и рамка. Останатите партии чии ставови се пренесени, во десет изданија добиле време од неколку секунди, до нешто повеќе од две минути.
Од интервјуто со Никола Груевски, во наредните два дена се користени сегменти околу кои се организирани повеќе прилози. Неколку од нив се однесуваат на промовирање мерки од програмата на ВМРО ДПМНЕ. На телопите за време на интервјуто и во прилозите, медиумот вади акценти кои во најголемиот дел пренесуваат негативни ставови за Зоран Заев со што се гради негативен тон и рамка, пишува во извештајот.
При известувањето ТВ Сител не ги почитува начелата од член 61 од ЗААВМУ за објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување публиката слободно да оформи мислење за одделни настани и прашања (алинеја 9) за почитување на човековото достоинство (алинеја 1) и за поттикнување на духот на толеранција (алинеја 3).
Во дневникот се појавуваат поголем број политички субјекти со различно времетраење. Се забележува континуирано известување со позитивна рамка и со позитивен тон за ВМРО ДПМНЕ – особено видливо кај прилозите за најава/промоција на мерките што ќе се најдат во изборната програма на оваа пратија. Единствени претставници на партија со кои во овој извештаен период се направени интервјуа во вестите се Антонио Милошоски и Диме Спасов.
За СДСМ се известува со негативен тон и рамка. Со негативен тон и рамка се информира и за активностите на Протестирам, а со позитивен за оние на ГДОМ, наведува Агенцијата.
ТВ Нова не ги почитува начелата од член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кои се однесуваат на објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување публиката слободно да оформи мислење за одделни настани и прашања (алинеја 9), за почитување на човековото достоинство (алинеја 1) и за поттикнување на духот на толеранција (алинеја 3).
Известувањето за политичките партии е главно концентрирано на ВМРО ДМПНЕ (со позитивен тон и рамка) и на СДСМ (со негативен тон и рамка), но со получасовна разлика во времето што им е посветено. Освен нивните, се пренесуваат ставовите и на други, парламентарни и вонпарламентарни партии и од македонскиот и од албанскиот блок, пишува во првиот извештај на Агенцијата.