А каде е печатот?

Од:

Многумина би рекле дека моралот и етиката не одат рака под рака со политиката. Во одредена вулгарна конотација, можеби се во право. Негативни примери можат да се пронајдат секогаш и секаде. За жал, нашата Македонија можеби нуди малку повеќе негативни примери од некои други општества, кои поодамна имаат прележано дел од „детските болести“ кои ние никако не успеваме да ги прележиме на патот кон една стабилна демокатија, каде владеењто на правото ќе биде темел, а почитувањето на човековите права ќе биде покрив на оваа света куќа.

За нешто вистински да почнеш да цениш, за жал, прво мораш да го загубиш. Па така, очигледно и нам мораше да ни се случи Црниот понеделник, за конечно да сфатиме дека ја загубивме слободата, која очигледно од поодамна ни беше перфидно нагризувана. Но како што вели нашиот народ – „Секое зло за добро“. Злото наречено партиско – полициски режим, ни го донесе доброто наречено ОТПОР!

Конечно, после подолг временски период, гледаме сплотена група на луѓе од различни профили (политичари, граѓански активисти, професори, уметници, работници…), здружени со една единствена цел – да му кажат стоп на апаратот кој се осмели да окупира и освојува делови од човечкото секојдневие, кои никој порано не помислувал да ги допре ни во своите најлуди соништа!

Токму затоа, ова движење им дава надеж на голем број на граѓани на Македонија, дека борбата за правдата и слободата ќе заврши токму онака како што завршува секоја слична битка – со победа на доброто над злото. На патот на оваа битка се јавуваат, и веројатно допрва ќе се јавуваат голем број на пречки – лични амбиции, разочарувања, бизнис интереси, апатија, конформизам, клиентелизам…Во тие моменти, сите ние кои сме на страната на доброто, оправдано, можеби малку и на смеа, ќе си го поставиме, веќе антологиското прашање – Каде е печатот? И, навистина, каде е печатот?

Печатот сигурно не е во некоја стара фиока, во некоја мала канцеларија, на некои луѓе кои немаат искрени намери кон иднината на нашата татковина. Печатот сигурно нема да се употреби за „заверка“ на некои чудни хартивчиња кои би требало да му дадат легитимитет на еден процес кој уште на самиот почеток е нелегитимен. И не, печатот сигурно нема да биде удрен на бледата страница во пасошите на некои личности, кои уништувајќи ја демократијата во Македонија, ќе се обидат да извадат авионска карта во еден правец.

За конечна победа на доброто врз злото, потребна е исклучителна енергија и издржливост. Потребна е храброст, доследност, подготвеност да се согледа општествениот и државниот, наспроти личниот интерес. Само на тој начин, повторно ќе се воспостават елементарните човечки и политички вредности, и ќе се отвори патот за повторно воспоставување на еден нормален и демократски систем.

p.s. Македонија секојдневно покажува дека во неа живеат сé повеќе и повеќе храбри луѓе. А печатот? Тој ќе биде употребен за заверка на БОЈКОТОТ, а малку подоцна, и за ковертирање на политичките судбини на оние кои ја погребаа демократијата во Македонија, бидејќи нели, за државата се работи!

Иван Стефановски

Авторот е магистар по Уставно право