58 отсто граѓани сметаат дека хомосексуалноста треба да се лечи

Од:

Само 1% од општата популација во Македонија знае што oзначува ЛГБТИ, високи 58% од родителите сметаат дека ако нивното дете е ЛГБТИ, треба да се лечи, и 84% од граѓан(к)ите во државата не поддржуваат Парада на гордоста.

Ова се некои од резултатите од регионалното истражување на јавното мислење за ЛГБТИ кое летово се спроведуваше во Македонија и во останатите земји од западен Балкан. Испитувањето на јавното мислење во земјава врз основа на стратификуван случаен примерок репрезентативен примерок, и на ставовите на ЛГБТИ лицата во државава преку пригоден примерок, покажува загрижувачки резултати за ставовите и перцепциите на населението за оваа ранлива и дискриминирана група на граѓан(к)и.

– Иако за голем дел од резултатите на ова сеопфатно истражување на јавното мислење за ЛГБТИ во Македонија имавме изградено прилично точни претпоставки и очекувања, сепак, навистина е загрижувачки да се прочита дека мнозинството од луѓето овде сметаат дека си болен и дека треба да се лечиш. Трендот на иселување на ЛГБТИ лицата од земјава и понатаму е во нагорен тренд, а насилството врз ЛГБТИ лицата како горлив проблем подеднакво се препознава и од страна на општата јавност, и од страна на самите ЛГБТИ лица. Клучниот заклучок од овие сознанија е дека ЛГБТИ лицата во голем дел идентификуваат дискриминација во сферите на вработување, полициска заштита, и социјална заштита – области каде државните органи имаат надлежност и обврска да постапуваат и дејствуваат, вели Антонио Михајлов од Субверзивен Фронт – здружение кое ги застапува правата на ЛГБТИ лицата.

– Она што нам, како активисти, нè охрабрува и ни помага во креирањето на визијата за во иднина, е податокот дека третина од ЛГБТИ лицата во Македонија кои одговориле на прашалникот, сакаат да станат активисти за ЛГБТИ права, дека личниот контакт со ЛГБТИ лице значително ги редуцира стереотипите и предрасудите кон оваа заедница, и дека физичкото насилство врз овие лица е неприфатливо, вели Беким Асани од ЛГБТ Јунајтед Тетово.

Истражувањето го спровела регионалната програма на Националниот Демократски Институт од Вашингтон во соработка со канцелариите на „Ipsos Strategic Marketing“ во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора во јуни и јули оваа година.