Линијата 55 која тргнува од Транспортен центар, поминува преку село Брњарци и оди до Арачиново, е променета така што автобусите на ЈСП повеќе не поминуваат преку Брњарци, туку кружат преку село Стајковци. Овие промени ги донесе јавното претпријатие по инцидентот во петокот вечерта кога автобус на оваа линија беше каменуван во Брњарци. Директорот на ЈСП, Мишо Николов, вели дека промените ќе се практикуваат некое време со цел да се избегнат понатамошни ескалации.
– За да се смири ситуацијата го префрливме автобусот преку Стајковци. Нема да остане така засекогаш, но ќе бидеме во тек со ситуацијата на терен, па ќе реагираме соодветно на условите – вели Николов.
Во петокот околу 21 часо во село Брњарци бил каменуван автобусот и бил принуден да застане. Кога автобусот се паркирал, а патниците излегле надвор, дошло до нарушување на јавниот ред и мир, информираа подоцна од полицијата. Од таму посочија дека немало повредени.