405.000 евра за проект за Конгресниот центар „Александар Македонски“

Од:

За изработка на основен проект за новиот објект Конгресен центар кој треба да се гради на местото на Универзална сала, Министерството за култура склучило договор во висина од 24 милиони и 898 илјади денари или околу 405.000 евра.

Според денешните податоци од Бирото за јавни набавки, Министерството, овој договор го склучило со фирмата за проектирање, градежништво, инженеринг, трговија „Архи груп план А ДООЕЛ Скопје“. Во овој договор спаѓаат архитектонски услуги, инженерски услуги, просторно планирање и уредување на земјиштето и други научни и технички советодавни услуги за технички испитувања и анализа, како што е наведено во договорот.

Универзалната сала во Скопје од јануари 2015 година е преименувана во Јавна установа Конгресен центар „Александар Македонски – Скопје“. Под ова име салата е регистрирана во Централниот регистар, иако претходно беше најавувано дека ќе го носи името на Тоше Проески. Ова предизвика револт кај почитувачите на Проески, па подоцна беше објавено дека во рамки на Конгресниот центар „Александар Македонски“ ќе има концертна сала што ќе го носи името на загинатата музичка ѕвезда.

Пред повеќе од една година, министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска, го презентираше идејното решение за нова концертна сала која ќе се гради на местото на Универзалната.

Новата концертна сала е дизајнирана од архитектите Стојан Павлевски и Иван Симеонов од „Стоун дизајн”. Ќе има голема сала со 2.500 до 3.000 седишта, мала за камерни изведби со околу 300 места и административни простории.

Универзална сала од март не работи. Таа беше подарок на градот Скопје од 20 држави, по земјотресот од 1963 година.